
Земјите од ЕУ размислуваат за ограничувања на возраста за користење на социјалните мрежи
Европската унија започна тестирање на нова апликација за анонимна проверка на возраст на корисниците на социјалните мрежи, со цел подобра заштита на малолетниците од онлајн ризици. Апликацијата ќе се тестира во пет земји – Данска, Франција, Шпанија, Грција и Италија – и овозможува проверка без да се чуваат лични податоци како име или датум на раѓање, објави италијанската новинска агенција Анса.
Препорачано
Во меѓувреме, неколку земји-членки, вклучувајќи ги Франција и Шпанија, се залагаат за построга регулатива, па предлагаат забрана за пристап на деца под 15, односно 16 години, до социјалните медиуми. Овие иницијативи се базираат на истражувања кои ги поврзуваат социјалните мрежи со психички проблеми кај младите, како анксиозност, депресија, ниско самопочитување, како и изложеност на сајбер малтретирање и онлајн предатори.
Портпаролот на Европската комисија изјави дека на ниво на ЕУ не се планира воведување општи забрани за пристап, но дека земјите-членки може да донесат свои законски решенија.
Во моментов, најпопуларните социјални мрежи, како Фејсбук, Инстаграм и ТикТок, бараат минимална возраст од 13 години за отворање профил, но децата често ги заобиколуваат овие ограничувања. Во исто време, технолошки гиганти како „Епл“ и „Гугл“ се противат на построгите закони, предупредувајќи дека тие можат да го нарушат правото на приватност на корисниците.
Романија исто така ја разгледува можноста за воведување построги мерки за проверка на возраст и ограничување на пристапот на малолетници до социјалните платформи.