Фото: CEphoto, Uwe Aranas / CC BY-SA 3.0

Земјите од ЕУ не успеаја да се договорат за намалување на штетните гасови

Министрите за животна средина на ЕУ не успеаја да се договорат за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2035 година, па наместо тоа усвоија необврзувачка декларација за намера за намалување на емисиите за помеѓу 66,25 и 72,5 проценти во споредба со 1990 година, јавуваат медиумите.

ЕУ планираше да се договори за нови климатски цели за 2040 и 2035 година овој месец. Но, некои земји-членки, вклучувајќи ги Германија, Франција и Полска, побараа целта за 2040 година прво да ја дискутираат шефовите на држави или влади на самитот во октомври, со што ги попречија разговорите за двете цели.

Министрите денес во Брисел разговараа за промените во климатскиот закон и климатската цел за 2040 година, како и за националните придонеси за постигнување на климатските цели.

Бидејќи немаше договор меѓу земјите-членки за време на подготовките за овој состанок, данското претседателство излезе со компромисен предлог за „декларација за намера“, така што претставниците на ЕУ нема да пристигнат со празни раце следната недела на сесијата на Генералното собрание на ОН и на конференцијата за климата COP30 во Бразил во ноември.

„Иако ова беше дискутирано во последните месеци и се надевавме дека ќе постигнеме договор на денешниот Совет, очигледно е дека ќе биде потребно уште малку време за да се усогласат сите ставови, а ќе се побараат и насоки од Европскиот совет, кој ќе се состане во октомври“, изјави хрватската министерка за животна средина и зелена транзиција Марија Вучковиќ.

Во необврзувачката изјава за намера се наведува дека ЕУ ќе испрати до Обединетите нации, пред конференцијата за климата COP30 во ноември, индикативен придонес за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2035 година, кој ќе се движи од 66,25 до 72,5 проценти во споредба со 1990 година.

Конечните национално утврдени придонеси (НДЦ) за 2035 година ќе бидат утврдени по самитот на лидерите на ЕУ на 23 октомври, на кој ќе се разговара за предлогот за измена на законот на ЕУ за климата, кој предвидува намалување на емисиите на стакленички гасови за 90 проценти до 2040 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот