Дронови Камиказа фото EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Зеленски: Во руските ракети и дронови пронајдени 100.000 западни компоненти

Повеќе од 100.000 компоненти од западно производство биле откриени во дроновите и ракетите што Русија ги лансирала врз Украина во ноќта меѓу саботата и недела, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Овој податок ја нагласува континуираната присутност на западната технологија во руското оружје, и покрај годините санкции.

Руските сили лансирале околу 500 дронови и повеќе од 50 ракети во напад од големи размери врз Украина во кој цели биле населбите низ целата земја, вклучувајќи ги и оние далеку од фронтот. Во нападот беа убиени најмалку шест лица, меѓу кои и цело четиричлено семејство, а уште 18 се повредени.

Според Зеленски, дроновите содржеле 100.688 компоненти од странско производство. Околу 1.500 странски компоненти биле пронајдени во ракетите „Искандер“, 192 во балистичките ракети „Кинжал“ и 405 во крстосувачките ракети „Калибр“, пренесува Киев индепендент.

Најверојатно овие компоненти се произведени од компании со седиште во САД, Кина, Тајван, Велика Вританија, Германија, Швајцарија, Јапонија, Јужна Кореја и Холандија.

Зеленски истакна дека украинските партнери веќе имаат детални информации за секоја компанија и за секој вклучен производ. Тој додаде дека Киев работи и на нови санкции насочени кон поединци и субјекти кои ѝ помагаат на Русија.

– Клучно е да се запре секоја шема што ги заобиколува санкциите, бидејќи Русија ги користи сите нив за да продолжи да убива. Светот има моќ да го запре тоа, порача Зеленски.

Иако западните земји го забранија извозот на многу компоненти со двојна намена во Русија, Москва се приспособи на санкциите, потпирајќи се на шверцерски мрежи и други механизми за добивање ограничена стока. Владислав Власиук, комесарот на украинскиот претседател за санкции, претходно изјави дека поголемиот дел од странските делови пронајдени во руското оружје употребено на бојното поле во Украина потекнуваат од Кина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот