
Зеленски: Украина сака да изгради заеднички одбранбен штит со европските партнери
Украина би сакала да изгради заеднички противвоздушен одбранбен штит со своите европски партнери против руските закани, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Лидери на НАТО претходно изјавија дека упадите на Русија во воздушниот простор на Полска и балтичките држави ја тестираат подготвеноста и решителноста на Алијансата, додека Киев рече дека искуството на Украина во справувањето со ваквите воздушни закани би било корисно, објави Економик Тајмс.
„Украина им предлага на Полска и на сите наши партнери да изградиме сигурен штит против руските воздушни закани“, рече Зеленски во видео-врска на Безбедносниот форум во Варшава.
Тој додаде дека ова е можно, како и дека Украина може да одбие сите видови напади од руски беспилотни летала и ракети, како и дека ќе имаат доволно оружје и производствени капацитети ако дејствуваат заедно во регионот.
Замолен да ги коментира ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски рече дека неговиот став за Украина и безбедноста во Европа се променил. „Ставот на претседателот Трамп, според мене, од денес е навистина избалансиран и ја поддржува украинската гледна точка, иако тој несомнено сака да остане посредник меѓу нас и Русија за да се заврши оваа војна“, заклучи украинскиот претседател.