
Зеленски не оди во Москва: Не одам кај терористот, тој нека дојде во Киев
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ја отфрла понудата на рускиот претседател Владимир Путин да дојде во Москва на разговори за дипломатско решение на конфликтот, откако Путин го покани својот украински колега да дојде во Москва ако е подготвен.
Препорачано
– Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракети, под напад, секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист. Тој може да дојде во Киев – рече Зеленски во интервју за американската ABC News, на локацијата на американски производствен погон во западна Украина, кој неодамна беше цел на руски ракетен напад.
Зеленски рече дека понудата на Путин имала за цел одложување на средбата, инсистирајќи дека тој самиот е подготвен за средба во кој било формат.
– Ако некој не сака да се сретне за време на војната, секако, може да предложи нешто што не може да биде прифатливо за мене или за некој друг – рече Зеленски.
ABC News, исто така, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп ја направил средбата меѓу лидерите на Русија и Украина приоритет во неговите напори за посредување во мировен договор.
– Трилатерален состанок може да се случи. Што се однесува до билатерален, не знам – рече Трамп минатата недела.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави оваа недела дека е „јасно“ дека билатерален состанок меѓу Путин и Зеленски нема да се одржи. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Шибига, потсетува ABC News, напиша оваа недела на социјалната мрежа X дека Австрија, Ватикан, Швајцарија, Турција и три земји од Персискиот Залив се подготвени да бидат домаќини на мировни разговори на кои ќе присуствува Зеленски.