Зелени банкноти, скапоцен накит и канти сирење: Пациенти на Онкологија плаќале за „последната надеж“

Клиника за радиотерапија и онкологија / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

М.М. поранешна вработена во Министерството за здравство во изјава за „Слободен печат“ сведочи дека во 2021 година кога нејзината сега покојна мајка се лекувала на Клиниката за онкологија, за „добро утро“ семејствата на пациентите ги опсипувале вработените со скапи подароци и зелени банкноти, во замена за подобар третман на болните.

„Јас лично на докторка ѝ дадов 250 евра мито, за да ја гледа мајка ми подобро на Клиниката за онкологија. Никогаш не ме одби. И сите што чекаат некаков ред таму, нешто даваат. Доаѓаш во канцеларија и даваш. Најнормално. Докторке еве да се почастите. Педесет, сто евра ѝ имам дадено во замена да ми ја гледа мајка ми, да ѝ препише терапија, зашто мајка ми секогаш ми велеше ‘се утепа давајќи пари, а јас сепак ќе умрам‘. Секоја втора, трета контрола кога ќе ѝ паднеше на мајка ми крвта, давав пари. На докторите им носат канти сирење,  скапи подароци и скапоцен накит. Јас не ги давав обележани парите, бев на голема мака. Мајка ми ми беше се во животот. Дали верувате дека Онкологија не сакаше на реверс да земе лекови од Гастроентерохепатологија?  Јас одев, молев, кукав за на мајка ми да ѝ се сопре крвавењето. Онкологија не сакаше да земе на реверс. После со триста маки, со јавување, ги земав. Трипати на ден требаше да ги прима тие ампули. Доктор Калина Гривчева од Гастро ми рече дека ги има тие лекови на нејзината клиника, ама не смее да ги издаде без документ од Онкологија. За и таа да има покритие дека лековите се навистина земени на реверс што е нормално. Јас лековите не ги земав за да ги препродавам. Ги земав зашто на мајка ми ѝ требаа, а во болницата ги немаше. Сите луѓе кои чекаат ред таму, дале нешто! Да знаете тоа. Седиме и чекаме ред во ходник и сами си кажуваме. Јас сум сведок и достапна сум ѝ на истрагата. Пациентите или се со полни ќеси или им даваат пари под рака. Или самите вработени им порачуваат донеси ми ракија, канта сирење. Накити, подароци, се! И тоа да се обелодени, дека на Онкологија се зема мито“, изјави М.М за „Слободен печат“.

Нејзината мајка починала од канцер на белите дробови, но според кажувања на ќерката, вечерта пред смртта во болницата немало дежурен доктор и немало кој да ѝ препише лек за намалување на болките на жената.

– Имаше мајка ми многу болки вечерта пред да почине. Отиде сестра ми на Онкологија и таму немаше дежурен доктор. Не можеа да ѝ препишат лек за болки. Немаше доктор, отидовме во аптека и ни рекоа нема шанса да ни го дадат тој лек без рецепт од доктор. Како може таму да нема дежурен доктор и мајка ми да умира во најтешки болки?, прашува ќерката на пациентката.

Таа додава дека пред канцеларијата на директорот имало редица пациенти кои чекале и молеле за неговиот потпис, бидејќи од него зависело дали ќе добијат биолошка терапија. Тоа го констатира и извештајот на државниот ревизор според кој немало критериум за делење на оваа терапија. Кога доктор Виолета Клисаровска стана директорка на Онкологија, првото нешто што го направи беше воведување на стручен конзилиум при што 12 специјалисти, раководители на одделенија заеднички реферираат и одлучуваат кој пациент ќе ја добие оваа скапа терапија.

– Пред канцеларијата на Нино Васев постојано имаше редица пациенти кои што чекаа на неговиот потпис за имуно терапија. Само преку него одеше тоа – сведочи ќерката на пациентката која се лекувала таму. 

Индиции за мито покажа и случајот во кој пациентка со бележани пари го пријави аптекарот од Дебар кој вчера се појави во судница. Тој на пациентка ѝ барал 100 евра поткуп за терапија што морал да ѝ ја издаде, со оглед на тоа што имала рецепт од лекар специјалист. Жената отишла во полиција, имала бележани пари кои аптекарот ги зел и седна на обвинителна клупа.

– Ми рече ова се наплаќа, по завршување на имуно терапијата ќе излезете надвор да се договориме. И да не кажувам никому за тоа и да му давам по 100 евра за секоја терапија, инаку нема никогаш да ја има и ќе морам приватно да ја плаќам. Ми се јави и рече ајде те чекам, терапијата ти е спремна, ако не дојдеш да платиш ќе ја дадам на друг, се брзам, изјави за Сител телевизија пациентката Минка Безоска.

„Слободен печат“ разговараше и со ќерка на пациент кој моментално се лекува на Онкологија. Таа ни кажа дека доктор во канцеларија ѝ кажал дека „се ќе се среди, ама требаат 700 евра за лек“.

– Му кажав дека нема проблем, ќе добиете. Но не му дадов, најдов друг доктор. Бев шокирана од таа директност, ни рече ќерката на пациентот.

Слободен печат на тацна им ги даде индициите на МВР и Обвинителството за препродажбата на лекови на Онкологија

„Слободен печат“ открива: Клиниката за Онкологија во 2017 година го фрлила во подрум системот за следење на цитостатици кој оневозможува да се крадат дози

Сестрата од Онкологија врши притисок врз новинарката на „Слободен печат“ да не известува за случајот и ја обвинува за психичка тортура

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот