
Здравствениот инспекторат не нашол пропусти во случајот со починатата родилка во Куманово
Жената која почина при породување во кумановската болница била здрава, со уредно контролирана бременост и редовни прегледи во кои немало отстапувања од нормалните параметри – ова го констатирале инспектори од ДСЗИ при вчерашниот вонреден надзор кај матичниот гинеколог каде ја прегледале целата медицинска документација на починатата 31-годишна родилка, објави „Сител“. Пропусти не констатирале ниту во кумановската болница, во која жената ненадејно почина за време на породувањето.
Препорачано
Таа била примена на акушерското одделение на 26 септември, кога и направиле ехо и ЦТГ.
„Ден по приемот, на 27 септември е поставена индикација за породување и околу 15 часот е отпочнато со аплицирање на терапија за отпочнување на породувањето, а истата терапија е повторно дадена во 19:30 часот кога дошло до нагло влошување на состојбата на родилката, по што е спроведена во операциона сала и направен царски рез од дежурен лекар специјалист акушер, специјализант и специјалист-анестезиоло. Во 20:30 часот е изваден плодот, а во 20:40 е прогласена смрт од страна на анестезиологот“, вели д-р Кирил Лазов, директор на ДСЗИ, во изјава за „Сител“.
По барање на Министерството за здравство, формирана е стручна комисија од гинеколози, анестезиолог, неонатолог и претставник од министерството, која ќе испитува дали има пропусти во третманот и начинот на лекување на родилката.
Во судска медицина се уште ги прават неопходните анализи и целокупниот обдукциски наод ќе го достават до Обвинителстото. Овој извештај треба да покаже од што починала родилката, а доколку има потреба ќе има и дополнителни вештачења за евентуална поврзаност на лекувањето со смртта. Новороденчето е во тешка здравствена состојба и е приклучено на респиратор на одделот за интезивна нега на Детската клиника.