
Заврши тендерската постапка за трет мобилен оператор – „Оне Македонија“ единствен понудувач, одлуката ќе се носи по локалните избори
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави дека е завршена постапката по јавниот тендер за доделување радиофреквенции за воспоставување на трет мобилен оператор во државава. На тендерот се јави само еден понудувач – компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, која е дел од унгарската телекомуникациска групација „Фор-ај-џи“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според АЕК, по јавното отворање на понудите на 22 август, Комисијата за спроведување на јавен тендер со јавно наддавање изготви извештај и го достави до директорот. Врз основа на него, директорот донесе одлука дека тендерската постапка е завршена, бидејќи условите биле исполнети од единствениот понудувач.
„Согласно Законот за електронски комуникации, постапката е завршена поради тоа што имаше само еден понудувач. Следниот чекор е по завршување на изборниот процес директорот да донесе одлука за избор на најповолен понудувач“, информираат од АЕК за МИА.
Одлуката која беше објавена и на веб-страницата на институцијата се однесува на радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz, кои се клучни за развојот на модерните мобилни услуги, вклучително и за побрзо и пошироко воведување на 5Г технологијата.
Доколку понудата биде формално прифатена по изборите, „Оне Македонија“ ќе стане трет мобилен оператор во земјава, што ќе значи засилена конкуренција на пазарот каде моментално доминираат „А1 Македонија“ и „МТС“ (Телеком). Очекувањата се дека со влезот на трет оператор ќе се подобри понудата на услуги, ќе се намалат цените и ќе се зголеми квалитетот за корисниците.