
Заврши петтото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“
Во официјалната селекција на петтото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, добитник на наградата за најдобар филм „Данчо Чеврески“ е филмот „Мавера“ во режија на Батухан Ибрахим.
Препорачано
Според жирито, филмот ја доби наградата поради експресивноста на визуелниот израз преку кој режисерот ги прикажува односите во едно семејство соочено со апсурдноста на административните и бирократски препреки и воопшто нашето македонско секојдневие.
Одлуката ја донесе тричленото жири во состав Марија Апчевска, Ивица Димитријевиќ и Саша Станишиќ, а наградата ја додели професорот Владимир Блажевски.
Петтиот фестивал на филм и музика „Ѕирни“ се одржа од 1 до 10 октомври во кафе и филм „Котур“ и „Парк Форум“.
Официјалната селекција беше своевиден преглед на најновата продукција на македонските кратки филмови. Селекцијата беше разновидна и имаше филмови кои експериментираат со формата и филмскиот медиум („Жена: Три есенцијални прашања“ на Јана Луловска и „Страст по лутањето“ на Леона Јариќ); филмови кои на еден постмодернистички манир си играат со жанровите („Сценариото“ на Александра Кардалевска и „4891“ на Ивана Мирчевска); филмови кои ја третираат нашата хаотична македонска стварност и моралните дилеми кои произлегуваат од неа („Еден тон сладолед“ на Сандра Ѓорѓиева, „Кутии“ на Ангела Димеска, „Мавера“ на Батухан Ибрахим); и филмови кои раскажуваат едноставна љубовна приказна од минатото („Так-так“ на Јане Алтипармаков).
Покрај официјалната програма, на „Ѕирни“ имаше и документарна и музичка програма, а заврши со 48-часовен филмски предизвик.