Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Заспаниот Гоџира

Никој не може да гарантира кога повторно ќе се разбуди страшниот Гоџира, како на тој пеколен 11 март во Фукушима. Непредвидлив е. Час се буди во океанските длабочини кај Јапонија или Нов Зеланд, час во Лариса, Петриња или Драч.

Да не го разбудам Гоџира! – одговарав треперејќи кога ќе ме прашаа од што најмногу се плашам. Тогаш бев премногу мал за да разберам дека Гоџира, кај нас попознат како Годзила, всушност и не постои, освен на големото платно, фикциско суштество создадено за да ги полни киноблагајните со пари, а луѓето со возбуда и страв. Креаторите на овој монструм уште од првиот филм во 1954 година успеале да му создадат култен статус, со милиони следбеници, не само во Јапонија. Нивните апетити не се заситени ни по триесет и нешто филмови од студиото Тохо, четири холивудски блокбастери и безброј романи, стрипови и телевизиски серии. Гоџира – кралот на монструмите!

Митот говори дека горилата-кит Гоџира е огромно суштество, слично на тираносаурус и по изгледот и по деструктивниот табиет, кое од памтивек спиело на дното на длабокиот океан, но било разбудено од нуклеарна радијација. Не случајно се појавило на брегот на кој изгрева сонцето и не случајно од челуста блуе радиоактивни зраци. Раѓањето девет години по страотните експлозии на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки јасно го дефинира Гоџира како метафора за нуклеарното оружје, кое сее смрт и од кое единствената одбрана е да не се разбуди од сонот.

И оние Јапонци што го стравопочитуваа и оние што го потценуваа, го почувствуваа вистинскиот бес на фиктивниот монструм. Пред точно десет години, на 11 март 2011 година, Гоџира се разбуди и на Јапонија ѝ зададе троен удар – страотен земјотрес од 9 Рихтери, цунами високи десетици метри што продреа со километри во копното и, конечно, експлозија на три реактора во нуклеарната централа Фукушима Даичи. Потресот оштети милиони згради и уби илјадници луѓе. Цунамито збриша цели населби во кои живееја половина милион луѓе и однесе уште 20.000 животи. Радијација од стопените реактори и од контаминираната вода ќе остане со децении.

Дисциплинираните Јапонци релативно брзо заздравија од шокот и ја санираа штетата од разурнувањата. Но, Јапонците не би биле Јапонци ако не извлекоа поуки од оваа тројна катастрофа. Нуклеарната енергија им е и проклетство и благослов. Бомбите во Хирошима и Нагасаки однесоа речиси 200.000 животи, но реакторите беа генератори на астрономскиот индустриски и технолошки подем, еден од најбрзите во историјата, темелот на нивната благосостојба.

Шокот од Фукушима ја разбранува општата доверба во нуклеарните централи, па во Јапонија се погласно се зборува за обновливите извори на енергија. Тие денес се составен дел на владината политика, корпоративните стратегии и јавниот интерес. Инвестициите ќе бидат поголеми, сметките за струја ќе бидат повисоки, но користењето на енергијата на Сонцето, ветерот, биомасата или геотермалната се без голем ризик. Амбициозниот план е до 2050 година да се достигне нулта емисија на гасови што ги подгреваат климатските промени. Само од плантажи од ветерници на море до 2040 година ќе се генерираат помеѓу 30 и 45 гигавати енергија, исто колку што денес произведуваат 30 до 45 нуклеарни реактори.

Безбедноста на материјалите, конструкцијата и мерките може да спречат хаварија предизвикана од човечки фактор или од дотраеност на опремата, како што беше примерот на Чернобил. Но, никој не може да гарантира кога повторно ќе се разбуди страшниот Гоџира, како на тој пеколен 11 март. Ете, пред неполн месец повторно се стресе земјата под Фукушима, колку да потсети дека немирно спие. Непредвидлив е. Час се буди во океанските длабочини кај Јапонија или Нов Зеланд, час во Лариса, Петриња или во Драч.

Ние немаме ниту океан ниту, пак, нуклеарни централи. Ни јапонската дисциплина ни самурајскиот ген на саможртвување, како оној кај камикаѕите или кај педесеттемина херои што влегоа во врелата Фукушима Даичи да го гаснат радиоактивниот оган. Но, насекаде околу нас се крие некој заспан Гоџира. Се разбуди во 63-та во Скопје. Се разлути и истури порој, не толку одамна. Ги тресе дивоградбите, ги бранува езерата, се излева преку затнатите канали и корита, чади од оџаците и запалените депонии. Демне длабоко под Водно, на соголените падини, во длабочините на Матка… Против монструмот сме немоќни, но само од нас зависи дали ќе му го скротиме гневот. И сега се плашам дека многу одамна можеби сум имал право: Да не го разбудиме Гоџира!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот