Фото: pexels-anadragon

Заштитете се од салмонела: Како да ги купите, чувате и приготвите јајцата

Секоја година од пазарот се повлекуваат голем број јајца поради стравот од салмонелата. Постојат начини ризикот од салмонелата да се намали, имајќи предвид дека сме во екот на топли летни денови кои исклучително се поволни за размножување на бактериите.

Прво и основно, не постои 100 отсто сигурно јајце. Кај купувањето на јајцата човекот на може да знае дали јајцето има салмонела или не, но со термичката обработка се намалува опасноста од зараза. Значи, јајцето мора да биде тврдо варено или во облик на кајгана, омлет, што значи термички обработено. Со термичката обработка, на пример, со варењето на температура над 70 степени Целзиусови, максимално се намалува ризикот од салмонела, објаснуваат лекарите.

Јајцата задолжително треба да се чуваат во ладилник на температура до четири степени и сигурно 10 дена можат да стојат на таа температура без опасност од појава на салмонелата, додаваат лекарите.

Ако по купувањето сте забележиле дека лушпата на некое од јајцата е скршена, никако тоа немојте да го јадете. Тоа јајце треба да се фрли. Тоа е отворено и има можност сешто да влегло внатре. Исто така, никако не купувајте јајца на пазарите кои стојат на дневна температура. Особено во лето. На тие температури салмонелата „ужива“. Тоа е „забава“ за салмонелата, предупредуваат лекарите.

За да го намалите ризикот од салмонела, потребно е:

– Јајцата треба да се извадат од картонската амбалажа, која однадвор може да биде загадена. Јајцата задолжително треба да се чуваат во фрижидерот на температура до 4 степени Целзиусови.
– Обрнете внимание на условите во кои јајцата се чуваат. Треба да ги купувате само на местата каде што се чуваат во изладен простор или во фрижидер.
– По купувањето јајцата задолжително треба да ги проверите. Сите напукнати или нечисти јајца треба да ги фрлите.
– За да ја избегнете салмонелата јајцата треба да ги варите додека белката и жолчката не се тврдо сварени. Јадењата кои вклучуваат јајца треба да се сварат или испечат на внатрешна температура од барем 78 степени Целзиусови.
– Немојте да јадете јајца, или јадења кои во себе содржат јајца, кои стојат на собна температура подолго од два часа.
– По готвењето задолжително измијте ги рацете како и сите кујнски помагала и садови кои дошле во контакт со суровите јајца, вклучувајќи ја и кујнската плоча.

Јадења приготвени со јајца

Многу е важно да не се прекине ладниот синџир кај јајцата. Не смеете да ги чувате на топло. Тоа е многу важно што се однесува до угостителите. Проблемот е дека некои јадења се приготвуваат со жолчката која термички не е обработена. Бидејќи, кога вие термички ќе го обработите јајцето не постои никаква опасност од салмонелата, предупредуваат нутриционистите. Значи, кога приготвувате колачи со крем или мајонез, тука може да настане проблем. Важно е да се погрижите да имате најсвежи можни јајца, но сепак, не можете да бидете 100 отсто сигурни дека внатре нема салмонела. Во рестораните постои таканаречена вкрстена контаминација, бидејќи понекогаш во брзање или во други околности не се извршуваат сите постапки на дезинфекција на алатите и работните плочи. Што значи, кога ќе дојде до допир на суровата храна со веќе приготвената храна при сечењето се создава можност за голем проблем.

Колачите никако не смеат да стојат на собна температура. Секој колач со крем би требало да стои во фрижидер. Не е проблем да се стави колачот на масата и да се исечат парчиња и да се изедат. Тоа трае околу 15 минути, но потоа би требало колачот пак да се стави во фрижидерот. На пример, кај колачите со крем кога е лето, не мора јајцата да бидат расипани, туку може да се случи во едно од јајцата да се нашло мошне малку салмонела. Луѓето сакаат некои колачи со крем да ги купат уште додека се топли, бидејќи треба да се јадат топли. И нема да ви биде ништо. Но, ако тој топол колач со крем сте го носеле половина час до дома и потоа сте го ставиле во фрижидерот, тогаш сте создала услови за брзо размножување на салмонелата, наведуваат конкретен пример стручњаците за храна.

Кај салмонелата е многу важно времето, бидејќи многу брзо се размножува. Ако веќе спомнатиот колач со крем сте го купиле и наместо да го ставите во фрижидер кога сте дошле дома, сте го оставиле на масата со намера да го изедете по ручекот кој ќе биде по два-три часа, сте ѝ овозможиле на салмонелата бројот на бактериите да се зголеми стократно, предупредуваат лекарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот