Татјана Димитровска / Фото: МИА

Започна судењето против поранешната државна антикорупционерка Димитровска, адвокатот Туфегџиќ веќе реагира

Денеска започна судскиот процес против поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, за кривичните дела одавање службена тајна на некогашниот директор на ТЕЦ „Неготино“ и обвинет во случајот „Адитив“, Небојша Стојановиќ, како и за тоа дека Димитровска добила безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации откако во нејзино име, испитот го положил државниот ревизор Миле Столевски.

На обвинителна клупа седнаа и ревизорот Столевски, Борче Најдов и Билјана Петровска Мантева. Одбраната на Татјана Димитровска, адвокатот Владимир Туфегџиќ вели дека споделените информации не се тајна, туку јавно достапни информации, а за делото за сертификатот посочи дека предложиле листа на докази меѓу кои и сведоци-претставници од АНБ и ДКСК. Туфегџиќ очекува ослободителна пресуда.

Од Обвинителството пак, велат дека имаат цврсти материјални и вербални докази преку кои ќе докажат дека обвинетите го сториле кривичното дело.

„Анализата на телефонот е при крај. Имајќи предвид дека се работи за околу 250.000 електронски записи од телефонот на претседателката, меѓутоа паралелно додека се врши анализата на подотаците од телефонот, Обвинителството презема и други дејствија согласно закон-како што се прибавување потребни податоци од надлежни институции и сослушување на сведоци по однос на одредени индиции кои произлегуваат од овие податоци“, рече обвинителката Наташа Поп Трајкова.

По денешното рочиште, адвокатот Туфегџиќ реагираше на дел од изјавата на обвинителката во која се известува јавноста дека обвинителството постапува поради постоење индиции и се спроведува постапка во која се сослушуваат сведоци од други институции против обвинетата.

„Ваквиот однос е недозволен и претставува директно заплашување на обвинетата и повреда на принципот на презумција на невиност кое начело е гаранција против произволност и злоупотреба на државната власт, односно спротивно на ЕУ директивата која забранува јавни изјави од државни органи што можат да сугерираат вина и воедно претставува обид однапред да се наметне осуда на обвинетата во јавноста“, вели Туфегџиќ во реакцијата.

Во април, Татјана Димитровска стана дел од проширената истрага за случајот „Адитив“, а во јули ОЈО ГОКК соопшти дека таа е обвинета и за уште едно кривично дело – за добивање Сертификат за положен испит. Таа се товари дека во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата „Вајбер“ на третообвинетиот – ревизор во Државниот завод за ревизија, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап во системот, а третообвинетиот од ДЗР во нејзино име го положил тестот за класифицирани информации. Димитровска на крајот на јули поднесе оставка од функцијата во ДКСК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот