
Започна дводневната обука за превенција од пожари, на повикот се пријавиле 364 луѓе
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција информираше дека денеска започна дводневната обука на 364-те кандидати кои се пријавија на владиниот Јавен повик за превенција од пожари во државата.
Препорачано
Ангелов додаде дека дел од пријавените отпаднале во првата фаза, односно во административната селекција поради неуредна, нецелосна или неправилна документација.
„Во Скопје имавме 50-ина пријавени, на административната селекција отпаднаа неколку и останаа 41, но на повикот за обука се појавија само 34 кандидати. Она што можам да го кажам како прва импресија е дека има одлични кандидати за кои верувам дека успешно ќе ја завршат оваа обука и ќе бидат добар потенцијал за пополнување на испразнетите редови во македонските противпожарни единици“, изјави директорот.
По завршувањето на дводневната обука, како што посочи Ангелов, кандидатите ќе имаат можност да бидат распоредени во локалните територијални противпожарни единици како професионални пожарникари, како и во новата единица која треба да биде формирана во Дирекцијата за заштита и спасување.
„Лицата што ќе бидат распоредени во ДЗС ќе продолжат со контролирана обука, а при појава на некој пожар каде што нема ризик или ризикот е многу мал, откако истите ќе задолжат противпожарна униформа и опрема ќе бидат искористени постепено да се усовршуваат во нивните вештини. Формалниот договор ќе биде потпишан со Агенцијата за вработување, а на него ќе се појавиме и ние како ДЗС и секоја општина одделно“, додаде Ангелов.
Претседателот на Противпожарниот сојуз на Македонија, Зоран Кочоски, изјави дека обуката на кандидатите се одвива во 13 градови ширум државата, вклучувајќи го и Скопје.
„Импресивно е тоа што младите кои се пријавија на огласот да станат сезонски пожарникари навистина имаат мотивација и визија за тоа како би се развивала нивната кариера во иднина и убеден сум дека најголем дел од нив ќе ги исполнат минималните критериуми за да се вклучат и професионално во процесите на противпожарната заштита во Македонија“, изјави претседателот на Противпожарниот сојуз на Македонија.
Тој посочи дека вториот ден од обуката ќе биде посветен на практичниот дел односно техниките за гасење пожар, техниките за користење опрема за гасење, ќе се преверува физичката спремност на кандидатите, како и првата помош, која ќе биде изведена со помош на Црвениот крст на Македонија.