Замина Хенри Кисинџер, миротворецот што разгоре многу војни

Кисинџер е синоним за авантуризмот на Вашингтон - Фотографија ЕПА, Џим Ло Скалцо

Кисинџер избегнувал директно соочување со најголемиот американски непријател во Студената војна, но правел сѐ, разгорувал и смирувал војни само за да го ограничи маневарскиот простор на Москва

Хенри Кисинџер, американскиот дипломатски ветеран што во својата бурна и долга кариера заслужи Нобелова награда за мир, но и масовни критики и презир, почина прексиноќа точно шест месеци откако наполни сто години.

Роден во еврејско семејство во Фирт, во мугрите на нацистичка Германија, Кисинџер уште како момче ја почувствувал суровоста на режимот на Хитлер. Тој и неговиот помлад брат биле тепани на училиште, а потоа и истерани. Кога татко им ја изгубил работата како наставник, во 1938 година емигрирале во Њујорк.

Кисинџер низ кариерата изнаоѓал решенија за разни светски кризи, но ретко кога одговарал на прашањата за неговото минато како бегалец од погромот. При едно интервју тој ги предупредил новинарите да не повлекуваат никакви психоаналитички паралели помеѓу неговите момчешки страдања и зрелите ставови. За него, сепак, многумина кажале дека личното соочување со нацизмот му ги всадил песимизмот за светските текови и одбивноста кон револуционерните промени.

Кисинџер (лево) со потпретседателот Рокфелер и претседателот Форд во 1975 година – Фотографија ЕПА, Библиотека „Џералд Форд“

Големата војна го вратила во родната земја за да сведочи на колапсот на нацизмот. Бил регрутиран во 1943 година и како американски војник бил окупатор во првите месеци по војната. Добил бронзена ѕвезда поради приведувањето избегани офицери од Гестапо и саботери од Хановер.

Подем до Вашингтон

Животниот пат го запрел половина век на Универзитетот Харвард, каде што учел, дипломирал и докторирал, објавувал трудови и книги. Како специјалист за моќта на нуклеарното оружје, го привлекол вниманието на њујоршкиот гувернер Нелсон Рокфелер, кој го привлекол кон политичката сцена и воедно му ги задоволил амбициите за ширење на политичкото влијание.

Претседателските амбиции на Рокфелер не се оствариле, но тоа не го запрело подемот на Кисинџер, кој станал баран консултант за разни агенции и одделенија, сѐ до Здружениот генералштаб и Националниот совет за безбедност на претседателот Двајт Ајзенхауер. Претседателот Ричард Никсон го назначил за советник за национална безбедност, во канцеларија што Кисинџер ја надградил во највлијателна просторија во Белата куќа, по Овалната соба.

Наместо да биде обичен службеник, Кисинџер го искористил своето влијание за да го потисне тогашниот државен секретар Вилијам Роџерс и ја освоил позицијата да решава за тогашните најголеми кризи – Војната во Виетнам, судирите со Советскиот Сојуз и комунистичка Кина, дури и за немирниот Блиски Исток. Во вториот мандат на Никсон, Кисинџер веќе бил и официјално главен креатор на надворешната политика на Вашингтон како државен секретар. За само неколку години тој се истакнал како највлијателниот од сите што претходно, па и многумина по него, ја воделе американската дипломатија.

Кисинџер со рускиот претседател Владимир Путин во 2006 година – Фотографија ЕПА

Кисинџер избегнувал директно соочување со најголемиот американски непријател во Студената војна, но правел сѐ, поттикнувал и смирувал војни само за да го ограничи маневарскиот простор на Москва.

Најконтроверзниот нобеловец

Во 1972 година Кисинџер го посети Пекинг и се сретна со Мао Ѕедонг, а следната година ги водеше преговорите за крај на Виетнамската војна и за повлекување на американските војници, за што му беше доделена и Нобеловата награда за мир, заедно со Ле Дук То.

Токму Нобеловата награда беше кулминацијата и пресвртот во кариерата на Кисинџер. Главниот виетнамски преговарач одби да ја прими, а американскиот беше критикуван откако се дозна дека за време на Виетнамската војна ја поддржал одлуката на Кисинџер за тајното 14-месечно бомбардирање цели во соседната и неутрална Камбоџа. Дури по четири години се откри дека Вашингтон лажно известувал дека се бомбардираат цели во Виетнам, а Кисинџер лично барал да не им се кажува дури ни на пилотите на авионите „б-52“ дека исфрлаат бомби врз Камбоџа. Во таа тајна кампања беа убиени 700.000 луѓе, а повеќе од 2 милиона останаа без домови. Бомбардирањата му овозможија на проамериканскиот генерал Лон Нол да го собори принцот Нородом Сиханук што, пак, предизвика народен бунт и им отвори пат на партизаните од Црвените Кмери на сила да ја освоијат власта и да наметнат сурова диктатура, во која од глад и од куршуми загинаа милиони луѓе.

Кисинџер ја искористил војната и како средство да издејствува мир. За време на мировните преговори во Париз, Американците ги засилиле бомбардирањата врз северен Виетнам, со цел да се убедат проамериканските власти во јужен Виетнам дека САД ќе го бранат мирот со сето оружје што им е на располагање. А, всушност, вистинската цел била да се издејствува каков било мировен договор, макар и лош, за да се отвори простор за повлекување на американските трупи и за смирување на протестите во Америка. Тоа била суровата надворешна политика на нобеловецот Кисинџер.

Откако кревкиот виетнамски мир не издржа ни три години, кога силите на Виетконг во 1975 година го зазедоа Сајгон и го поттикнаа понижувачкото бегство на американските дипломати со хеликоптер од сардисаната амбасада, Кисинџер ја префрли вината врз Конгресот, тврдејќи дека го поткопал мирот со блокирањето на воената помош за виетнамските сојузници. Тоа била суровата внатрешна политика на Кисинџер.

Шатл-дипломат со морков и стап

За Блискиот Исток, пак, Кисинџер ја „патентираше“ шатл-дипломатијата – како што беше наречена неговата мисија во 1973 година. Државниот секретар постојано патувал од Ерусалим до Каиро и назад за да издејствува примирје откако израелските сили го преминаа Суецкиот Канал и стигнаа на прагот на главниот град на Египет. Со слични интензивни летови меѓу Ерусалим и Дамаск, државниот секретар придонесе и Израелците да ѝ вратат на Сирија дел од Голанската Висорамнина за да се избегне војна. Вистинската цел на шатл-дипломатијата била да се омекне цврстата милитантна политика на Израел и да се убедат Египет и Сирија дека полесно ќе добијат отстапки преку Америка, а не преку нивниот главен сојузник Москва.

Со кинескиот претседател Сји Ѓинпинг во 2015 година – Фотографија ЕПА, Џејсон Ли

Посетата на Мао во Пекинг, пак, била насочена против Советскиот Сојуз за да се забие клин на сомнеж во Кремљ дека е можен американско-кинески сојуз. Вистинскиот фокус повторно бил илјадници километри на страна – Виетнам. Кисинџер оценил дека стравувањата ќе ја поколебаат Москва да ги поддржува комунистичките сили во северен Виетнам.
И овој успех беше порта кон уште поголем неуспех. Египетскиот претседател Анвар ел Садат решил да премине на страната на САД и протерал илјадници руски дипломати, но кога не ја добил очекуваната воена помош, наредил напад врз Израел, со што почна Јомкипурската војна.

Кисинџер се смета и за творец на стратегијата на „морков и стап“, која Вашингтон ја користи и сега, со половичен успех. На земјите од „третиот свет“ тој им пренесувал каква полза би имале од сојузништвото со Америка, а какви казни може да очекуваат ако тргнат со Русија. Со таква закана, но и со многу пореално влијание, бил соборен социјалистичкиот претседател на Чиле, Салвадор Аљенде.

Вештиот Кисинџер успеал да се извлече неизвалкан и од скандалот што го потопи неговиот шеф. Додека понижениот Никсон се повлече по аферата Вотергејт, Кисинџер остана државен секретар и во администрацијата на Џералд Форд, кој стана претседател без големо искуство во меѓународните односи. Кисинџер се префрли врз Африка, вклучувајќи ја ЦИА во граѓанската војна во Ангола, но тоа беше неговата последна авантура. Со победата на Џими Картер на изборите во 1976 година тој замина во „консултантска пензија“, во која се задржа и кога по четири години беше повикан да ѝ се приклучи во администрацијата на Роналд Реган.

Државни секретари со лопати – Хилари Клинтон, Медлин Олбрајт, Хенри Кисинџер и Џон Кери – Фотографија ЕПА, Мајкл Рејнолдс

На неговата агенда никогаш не беше само Европа, континентот во кој е роден.

На возраст од 99 години, на прашањето дали посакува да врати назад некоја од своите одлуки, Кисинџер одговорил решително: „Целиот живот размислувам за овие проблеми. Тоа ми е и професија и хоби. Сите препораки што сум ги дал, биле најдобрите во тој момент“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот