Христијан Мицкоски, Гордана Сиљановска Фото: Фејсбук претседателка

Законот на поправен, ќе биде без двојазичните лиценци

Според висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ, веќе е договорено меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот Фатмир Лимани да бидат коригирани два члена од оспорениот Закон за заштита на децата и законското решение да биде доставено до Собранието. Лимани, пак, не ни одговори дали се на иста линија со премиерот

Министерот за социјална политика Фатмир Лимани ќе ги коригира двата спорни члена од Законот за заштита на децата и законското решение ќе го достави до Собранието. Ова, според висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ, веќе е договорено во разговор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот Лимани, откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова стави вето на Законот. Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека Законот ќе биде во согласност со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, односно дека лиценца на албански јазик ќе се издава само на барање на подносителот, односно двојазични лиценци ќе нема.

Фатмир Лимани Фото: Министерство за социјални политики

Официјално, од Вреди ја обвинија Сиљановска-Давкова за политикантство мотивирано од опозицијата. Неофицијално, Лимани за спорните одредби тврдел дека не биле со тенденција, додека од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се правдаат дека направиле превид и добро е што претседателката не го потпишала указот за Законот. Лимани, пак, не ни одговори дали се на иста линија со премиерот, односно дека законот, коригиран од Министерството, ќе го достави до Собранието.

По три дена молк, во првичната реакција владината Вреди ветото на шефицата на државата го толкува како дневнополитички мотивирано, донесена под притисок на Левица и СДСМ.

– Сè додека и заштитата на децата се мери низ призмата дали опфатот на албанскиот јазик е наводно прекумерна, како политичари сме на погрешен колосек. Наместо да зборуваме за бришење на срамната формулација изразена во проценти за албанскиот јазик, се политизира предучилишната нега. Нашата порака е јасна – нема да дозволиме да се печалат политички поени на употребата на албанскиот јазик со оправдување дека него го разгледува Уставниот Суд – велат од Вреди.

Несмасно направени одредби

Оттаму не кажаа ниту збор за најавата на Мицкоски дека одредбите се несмасно направени, дека ќе бидат коригирани и дека очекува да бидат усвоени со новите прецизни формулации согласно Уставот и Законот за јазиците. Мицкоски веќе изјави дека вака, како што се формулирани двата члена од законското решение, се спротивни на Уставот и на Законот за употреба на јазиците.

Христијан Мицкоски, Фото: Влада

– Така што, мислам дека е рутина и е формалност. Ќе бидат коригирани и ќе бидат во согласност со Уставот и со Законот за јазиците, ќе бидат повторно вратени во парламентарна процедура и очекувам успешно усвојување на законот. Сите оние што влегуваат во рамките на Законот за јазиците, станува збор за сите оние припадници што се повеќе од 20 проценти, ако го читате овој закон и членовите 9 и 10 вели точно 20 проценти. Малку несмасно е сето тоа направено и тоа е една формулација што ќе се надмине многу скоро – рече Мицкоски.

Премиерот е дециден дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот и додаде дека Албанците што ќе сакаат формуларот за полагање и лиценцата да бидат издадени на албански јазик ќе го добијат тоа право, а тоа соодветно и прецизно ќе биде формулирано во Законот за заштита на децата.
Опозициските ДУИ и Алијанса за Албанците жестоко го нападнаа ветото на Законот на Сиљановска, а во ставот на премиерот гледаат „јасен план за деградирање на службениот статус на албанскиот јазик“.

– Премиерот враќа една застарена и неприфатлива формула, како што беше во Законот од 2008 година, каде што албанскиот јазик се користеше само на барање на Албанците и преку пополнување посебни формулари. Ова е отворен обид за укинување на албанскиот јазик, загарантиран со Уставот и со Законот за употреба на јазиците од 2018 година, кој го постави албанскиот јазик како службен во сите централни институции. Сега е јасно дека Владата не ја признава оваа реалност и се подготвува да го укине овој закон преку Уставниот суд – реагираше ДУИ и најави дека ќе ги искористи сите политички, правни и демократски средства за да се спротивстави на овој регресивен чекор и да го одбрани статусот на албанскиот јазик.

Села: Антиуставни препораки на претседателката

Од Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, изјавата на Мицкоски ја оценија како хаотична и опасна.

– Мора да нагласиме дека премиерот несвесно призна дека албанскиот јазик е службен според Уставот и Законот за јазиците. Но, подолу во изјавата отворено покажа дека одлучил да го промени Законот за заштита на децата согласно антиуставните препораки на претседателката, како и дека сака да го деградира албанскиот јазик на локално ниво и по волја на институциите – велат од Алијанса и ги повикаа пратениците и функционерите од Вреди во Законот за заштита на децата да биде опфатен и албанскиот јазик и да не дозволат негова измена.

Претседателката Сиљановска-Давкова објасни дека првото вето не го употребила за да навреди некој јазик, ниту се водела од партиски совет, туку дека предвид ги имала Уставот, но и законите за македонскиот јазик и за јазиците. Таа ги повика пратениците уште еднаш да ги разгледаат членовите 9 и 10 од Законот за заштита на децата со кои се предвидува двојазични лиценци, а се остава простор и за дискрециски овластувања на министерот во начинот на издавање на лиценците за работа во градинка.

– Зборуваме за право, не зборуваме за обврска. Никој не оспорува кога се полага испитот на албански јазик да се добие лиценца на албански. Она што за мене е спорно е што е заборавено, покрај на македонски јазик и на албански, а се разбира кога полагате испит на македонски, логично е да ја добиете лиценцата на македонски јазик – изјави претседателката.

Сиљановска-Давкова Фото: Принтскрин

Лимани, по донесувањето на Законот, на 13 декември, меѓу другото, објави на Фејсбук дека „со измената на законот се утврдува дека лиценцата за работа се издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо, како и дека испитот за стекнување лиценца за работа се полага на македонски јазик и на неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија и неговото писмо“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот