Фото Фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски
Фото Фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски

Загрижува што високите функционери не реагираа на навредувачкото скандирање, велат од Хелсиншки

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржува одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да отвори постапка поради националистички и навредливи скандирања кои беа регистрирани за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, одржан на 2 август, во Куманово.

Со ваквите скандирања се предизвикува радзор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, опишано во член 319 од Кривичниот законик. Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза, велат од Хелсиншки комитет за човекови права.

На натпреварот присуствувале високи владини претставници, меѓу кои премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, како и градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Загрижувачки е што ниту еден од овие високи функционери, за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања. Политичарите не смеат да останат индиферентни и на тој начин да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така придонесуваат за потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација, реагираат од Хелсиншки комитет.

Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува ширењето на говор на омраза и апелира до сите политички, спортски и општествени чинители да се спротивстават на овој феномен и да ја поддржат културата на толеранција, дијалог и почитување на различностите. Хелсиншкиот комитет и понатаму ќе го следи развојот на настаните поврзани со навредливите и дискриминаторски скандирања. Спортот треба да биде простор за единство, а не платформа за ширење на говор на омраза.

Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчеста основа за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе. Токму затоа сметаме дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, а надлежните институции да ги пронајдат и казнат сторителите, се вели во писменото соопштение оттаму. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот