Фото: Приватна архива

ФОТО | Загорка Аврамовска со синот создава свет на фантазија од оброците

Креативноста се одразува во сѐ што ќе фати со раце, без разлика дали станува збор за рачно изработените слики од каменчиња или за интересните здрави оброци.

Фото: Приватна архива

Загорка Аврамовска е позната по претворањето на детската фантазија во реалност, по интересно дизајнираните оброци, од кои создава цела приказна. Како што и самата вели, не случајно настанала таа „Приказна во чинија“, познатиот профил на Инстаграм, од кој многу родители црпат идеи како на полесен и поздрав, а истовремено, и забавен начин да им ги направат оброците на своите деца.

Загорка и нејзиниот син Бојан создаваат волшебен свет од оброците. Нејзина желба била тоа да биде нешто несекојдневно, а истовремено доволно интересно што ќе може заедно со синот да го креираат.

Фото: Приватна архива

– Откако паметам за себе, од најмала возраст сакав да помагам во кујната. И двајцата мои родители беа големи гурмани, особено мојот татко, со кој често за викендите подготвувавме заеднички гурманлаци. Убаво ми е кога готвам, не дека за себе можам да кажам дека сум некој посебен познавач на кујната и кулинарските вештини, но особено значење придавам и уживам во тоа како храната е сервирана. Сакам кога и на нешто едноставно ќе му се даде значење, како, на пример, еден најобичен појадок од парче леб со путер и мед со шолја млеко. Наросувам мелени јатки на медот, млекото го ставам во филџан што во тој миг ми буди радост и веднаш обичното станува магично вкусно.

Здрави навики во исхраната

Во домот на Загорка владее една максима – пред сѐ, здрава храна, но и здраво приготвување.

– Здрави навики во исхраната практикуваме колку што можеме на дневно ниво. Кај нас дома не постои пржена храна, единствено знаеме во тоа да се „опуштиме“ кога сме во ресторан или кога нарачуваме храна за носење, а колку пати сме го направиле тоа во текот на цела година, може да се изброи на една рака. Сѐ она што може да се испржи може и да се испече со минимум количина масло, а некогаш и без тоа. Ако се обидете на тој начин да ги приготвувате оброците, ќе се уверите дека навистина се еднакво вкусни како и пржените, и тоа не само ќофтињата и месото, туку и крофните. Белото брашно заменете го со овесно, шеќерот во колачите со урма или со некое друго овошје, чоколадото за ужинка со јаболко или со кое било друго свежо овошје – раскажува Загорка.

Фото: Приватна архива

Таа вели дека поради болеста на сопругот, кој мора да има ограничена исхрана, а притоа, за да може нивниот син без одбивност да ја јаде храната, ги осмислила шарените приказни од храна.

– Мојот сопруг боледува од алергиска астма и сетилото за мирис го изгуби пред четири години. Но, неврзано со тоа, тој уште кога се запознавме, а и потоа кога почнавме заедно да живееме, имаше ограничена исхрана, така што не јаде голем дел од намирниците што ги консумираме сите ние на нашето поднебје, што значи дека готвам два ручеци секој ден. Тоа не ми пречи, бидејќи максимално сум организирана, така што ми стана рутина. Стравувајќи од помислата дека нашиот син ќе се поистоветува со татко му и неговото чинивче ќе му изгледа попримамливо од нашите, дојдов до идеја оброците на синот да ги приготвувам со форми кои нему ќе му бидат интересни, а притоа да не го одбива она што татко му до ден-денес не го јаде. Бојан сега има 5,5 година и сѐ уште не забележува разлика дека јадеме поинаку од сопругот. Среќна сум што замислата ми успеа. Бојан единствено нешто што не јаде се маринирани печурки, па ги заменуваме со свежи. Без кромид, праз, пиперка не поминува ниту еден оброк, сѐ она на што мојот сопруг „превртува со очите“ – вели Загорка.

Фото: Приватна архива

Оваа креативна жена, не само што успеала во својата намера, туку сега и Бојан заедно со неа ужива во приготвувањето на интересните оброци.

– Интересно е тоа што и тој е вклучен во целиот процес на подготовка. Секако, внимавам и близу него сум кога тој ќе посака да исече некоја намирница. Со миксер мати од својата трета година, а ги чита и упатствата на рецептите за да не погрешам – со смеење раскажува Загорка.

Фото: Приватна архива

Викендите главно се резервирани за создавањето магија во чиниите со разновидни оброци.

– Нашите „приказни во чинија“ вообичаено ги подготвуваме во текот на викендите и задолжително истите се поврзани со приказна, така што не случајно и дојде тоа име. Без разлика дали е тоа некој лик од книга која ја читаме, дали е нешто што Бојан го видел во текот на денот, животинче, предмет кој му оставил впечаток… Понекогаш истите барања се повторуваат како што се рибите и морскиот свет, бидејќи еден долг период беше буквално опседнат со нив и со диносаурусите. Со иста радост подготвувам оброци и за децата од соседството, дел од дечињата од градинка кои ни биле нагости и неизмерно сум среќна кога гледам задоволство на нивните лица – вели Загорка.

Совети за велигденските оброци

Загорка дава интересни совети и идеи како да ги искористите велигденските јајца, на инвентивен и интересен начин.

Фото: Приватна архива

– Деновиве го славиме Велигден, еден од најголемите верски празници кој на децата им е и најинтересен. Погледнете ги идеите за празничната трпеза и направете им ја попрималива, искористете го вишокот од велигденските јајца, а истовремено, ќе го поминете времето со вашите деца на инвентивен и интересен начин за нив. Ќе бидете изненадени колку тие ќе бидат задоволни и среќни и колку на тој начин ќе придонесете да се развие нивната фантазија. Во овие оброци секогаш можете да „подметнете“ она што вашите деца го избегнуваат ако го украсите на невообичаен начин и го сервирате поинаку од секојдневниот.

Применете го овој начин на забава со вашите деца. Заменете ги секојдневните игри барем еднаш неделно и креирајте некој сличен оброк. Споделете ги со нас, ние секогаш сме расположени да научиме нешто ново. Заменете ги таблетите и моблните телефони со еден пример од „Приказна во чинија“, нема да погрешите – порачува оваа креативна жена.

Фото: Приватна архива

Загорка сака да приготвува убави јадења и за своите најблиски, но и за пријателите.

– Уживам да им угодувам на блиските. Понекогаш сопругот знае и да ми забележи дека сум „напорна“ кога им поттурнувам да пробаат сѐ од сервираното, но таква сум. Поради пандемијата со коронавирусот одамна не се случило да приготвам нешто за да ги поканиме пријателите. Се надевам на што поскоро враќање на безгрижните денови на дружење, за да ги надоместиме пропуштените средби – вели Загорка.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот