
Заборавените традиционални „генетски“ кодови се основа за изложбата „Живи артефакти“ на Филип Јовески
Во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп од 4 јули е поставена самостојната изложба со наслов „Живи артефакти“ на мултимедијалниот уметник и скулптор Филип Јовески.
Препорачано
Ликовниот јазик во творечкиот опус на Јовески се одликува со јасни геометриски и колоритни традиционални орнаменти, истакна м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, на отворањето на изложбата.
– Преку употребата на аугментативната реалност, живите орнаменти дигитално се отелотворуваат во визуелни трајни ликовно-семиотички облици и симболи во материјалниот свет.
Модифицираните ликовни креации пулсираат во просторот, создавајќи комуникација меѓу реалниот и дигиталниот свет. Реконструираните колоритни орнаменти преку аугментативната реалност се трансформираат во сеќавања врежани во просторно-временски континуум.
Во творештвото на Јовески е воочлива потрагата по исконска заборавена мудрост, преточена во ингениозно смислен ликовно-симболичен јазик сочуван во колективната меморија на претците.
Судирајќи се со одамна заборавените традиционални „генетски“ кодови, индивидуата остварува комуникација и однос со минатото. Интеракцијата меѓу „живите артефакти“ на минатото и современиот човек се одвива преку временско-просторен портал. Низ овој портал се среќаваат колективната меморија на групата – отуѓена и заборавена во минатото – и индивидуалната свест на поединецот. Симплифицираните геометриски облици добиваат мистична димензија, трансформирајќи се во дигитални ентитети со изменет визуелен идентитет. Од колоритни форми насликани на дводимензионална површина, тие еволуираат во тридимензионални дигитални скулптури.
Во своето ликовно творештво Јовески го вградува културниот генетски код на македонскиот народен идентитет, издвојувајќи разновидни симболи кои се вткаени во народното македонско творештво. Интеграцијата на овие „генетски“ кодови истовремено претставува и продолжение и иновација на традиционалната култура и фолклор – рече м-р Викторија Димеска.
Со оваа изложбена поставка Филип Јовески претходно се претстави во македонскиот КИЦ во Белград, Србија.