
ЗАБАВНА ЗОНА | Мановски: Еден од играчите ја запроси саканата во „Д Кјуб“, а кодот за излез се наоѓаше во кутијата од прстенот!
Сакате да решавате загатки? Сакате игри во кои треба логички да размислувате? Сакате да гледате филмови со мистериозни тематики, авантури или пак хорор филмови? „Забавна зона“ ве носи на местото кое е спој на сè. Денеска ќе ви покажеме како изгледа вистинската забава и ќе ви посакаме топло добредојде од ескејп рум – „Д Кјуб“!
Препорачано
Но, што всушност е „ескејп рум“? Задачата на посетителите на „Д Кјуб“, кои ќе одлучат да играат во некој „ескејп рум“ е да го најдат начинот како да излезат од собата во предвидениот рок. Додека се во собата, играчите се надгледувани од страна на гејм мастерот, кој им дава насоки и им помага кога ќе забележи дека тешко им оди на играчите или кога ќе заглават некаде.

Душко Мановски, гејм мастерот во „Д Кјуб“ нѐ запозна со концептот на играта, сите соби за бегство, како и ескејп кутиите, кои претставуваат тематски кутии кои треба да се решат за одредено време.
– „Д Кјуб“ располага со 6 соби за бегство и три кутии. Секоја од нив е на различна тема, како на пример мистерија, хорор соби, авантури, во зависност од желбата на играчите – вели Мановски, најавувајќи нова соба посветена на „Дракула“.
„Д Кјуб“ се наоѓа на две локации во главниот град – едната е лоцирана во Влае, а другата во „Скопје Сити мол“. Интересно да се истакне е тоа што, секоја од собите е креација на основачите на „Д Кјуб“, односно тие целосно сами ја создаваат собата, загатките, инвентарот и приказната за играње.

Играчите пред себе, во најголем дел од игрите имаат еден час за да го најдат решението за да излезат од собата. Доследно на тоа, го прашавме гејм мастерот Душко, кое е рекордното време во кое некој излегол од собата?
– Рекордното време на излегување од собата е 36 минути, а играчите играа во собата „Соу“, инспирирана од истоимениот филм. Имаше само двајца играчи кои завршија за 36 минути, иако предвиденото време за игра трае 60 минути – сподели тој.

Статистички гледано, голем дел од играчите успеваат да ги решат сите загатки и да излезат од собата во предвиденото време за игра. Гејм мастерот Мановски ни откри кој е најкреативниот начин на кој некој од посетителите успеал да излезе од собата:
-Најкреативниот начин на кој досега еден тим излегол од „ексејп рум“ беше преку запросување. Пред да започне играта, момчето дојде и го остави прстенот кај нас, а ние таму го ставивме кодот кој треба да се вметне за да се отвори вратата за излез – вели тој.
„Д Кјуб“ е одлична идеја за забава, притоа таму се организираат и родендени и тим билдинзи. А самото место е и „дувло“ на друштвени игри, каде посетителите можат да си одберат некоја од од спектарот на овие друштвени игри и без временско ограничување да играат.

Покрај тоа имаат и своја продавница во која се продаваат и популарните „фанко-поп“ фигури инспирирани од јунаците од цртаните филмови и филмските протагонисти.