Водомер, Фото: Архива

За три месеци откриени 25 диви приклучоци, граѓаните потрошиле 43.863 м3 вода без да платат

Во случај екипи на јавното претпријатие да откријат див приклучок или непријавен водомер, на корисникот му даваат опомена и рок од три дена за легализација, односно пријавување на приклучокот во Сектор за технички развој, по кој рок доколку не се постапи по основ на опомената, тие се исклучуваат.

За три месеци, екипите на ЈП „Водовод и канализација“ на терен констатирале 25 диви приклучоци односно водомери кои не биле пријавени со што овие граѓаните трошеле питка вода без да платат за направената потрошувачка. Појавата на ваков тип на кражби на вода е забележана во речиси сите скопски општини.

– Во период од јануари до март 2022 година од страна на одделението за контрола на корисници се констатирани 25 диви приклучоци (непријавени водомери), од кои најголем број во општина Гази Баба, во Маџари, 4 диви приклучоци во Општина Центар,  3 во Кисела Вода , 4 во Општина Карпош, и 6 во Општина Чаир за време на акција на објекти во градба и 8 во Општина Гази Баба, при редовна контрола – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Во случај екипи на ова јавно претпријатие да откријат див приклучок или непријавен водомер, на корисникот му даваат опомена и рок од три дена за легализација, односно пријавување на приклучокот во Сектор за технички развој, по кој рок доколку не се постапи по основ на опомената, тие се исклучуваат во согласност со Закон.

– Во овој период, за овие откриени диви приклучоци (непријавени водомери) е потрошена и фактурирана вода од 43. 863 м3. ЈП „Водовод и канализација“, потсетува дека со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје. Претпријатието исто така апелира и ги повикува граѓаните на одговорно однесување, отстранување на дивите приклучоци и регуларно поднесување на барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Кога станува збор пак за наплатата на потрошената вода, од ЈП „Водовод и канализација“се задоволни што, како што велат оттаму, и во услови на пандемија и криза успеале да го оддржат солидното ниво на наплата од страна на граѓаните, што всушност според нив е и резултат на поволностите кои ги нуди претпријатието за своите корисници.

– ЈП „Водовод и канализација“ со цел доближување на услугите до своите корисници го олесни пристапот до можностите за наплата на фактурите, преку процесот на дигитализација и создаде услови за брзо плаќање на фактурите без провизија, преку веб страната на претпријатието, мобилната апликација достапна за Android и iOS, со скенирање на персонализираниот QR код поставен на фактурите и преку самоуслужните апарати за наплата на четири локации во градот Скопје: Дирекцијата на ЈП „Водовод и канализација“, Одделението за грижа на корисници во ЈП „Комунална Хигиена“, во ГТЦ на приземје и во трговскиот центар Капитол. Секако, тука се и класичните пунктови за наплата во дирекцијата, во Сарај и Шуто Оризари – велат од ЈП „Водовод и канализација“ од каде што објаснуваат и дека, во одржување на солидното ниво на наплата според нив,  свој удел имаат и акциите за наплата на долговите на рати, без пресметка на камата кои се организираат неколку пати во текот на годината.

Сепак, процентот на наплата на потрошената вода, варира од општина до општина, па така, најмала наплата на потрошената вода од страна на корисниците има во општините Шуто Оризари и тоа со 30 отсто на наплата, потоа во Општина Сарај и Општина Студеничани со наплата од по 37 отсто, а најголемата наплата има во општините Аеродром со дури 97 отсто, потоа во Карпош со 95 отсто како и во Општина Кисела Вода со 92 отсто наплата на потрошената вода од страна на граѓаните.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот