
За трагедијата во Кочани мора да има одговорност и од актуелни функционери, вели Спасовски
За трагедијата во Кочани, која е трагедија од најголеми размери во нашата држава, одговорност мора да има од сите инволвирани и од сите вистински виновници, порача пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Препорачано
Според Спасовски, истрагата за Кочани се одликува со селективност, нетранспарентност и непреземање на одговорност од ниту еден актуелен носител на одредена функција
– Никој не е опфатен во истрагата и не се преземени сите чекори кои треба да доведат до одговорност на вистинските виновници, изјави тој во вестите на телевизија „Алсат-М“.
Поранешниот министер смета дека и после трагедијата во Кочани, власта нема намера да го менува системот.
– После случувањата во Кочани сите бевме едногласни и во Собранието и во политичкиот живот дека треба да се гради нов систем, ресет на целиот систем во државата. Да создадеме систем кој го посакуваат граѓаните. Никој не може да ги обвини граѓаните дека се залагаат за воспоставување на таков систем, затоа што тоа е потребно. Граѓаните бараат систем што функционира, европски систем. А по трагедијата во Кочани во Собранието власта прави промена на законски решенија во кои што се намалуваат критериумите за избор на носители на одредени функции. Тоа не е менување на системот – додаде тој.
Спасовски заклучи дека владејачката коалиција не може да ги прикрие неуспесите и незнаењето.
– Се враќаме назад, гледаме уназадување на секое поле – порача пратеникот на СДСМ.