
За сообраќајната несреќа кај Елбасан во која е повреден македонски камионџија, приведен возачот на автомобилот кој удри во камионот
Албанските медиуми објавија дека албански државјанин кој вчера управувајќи патничко возило на патот Либражд – Елбасан се судри со камион управуван од македонски државјанин, е приведен за сообраќајката.
Препорачано
Албанската полиција го приведе 20-годишниот А.Т., жител на Подградец откако со патничко возило удрил во камионот со охридски регистарска таблички управуван од 46-годишниот Г.Т., македонски државјанин кој патувал со жена.
-Двајцата државјани Северна Македонија, се повредени и сега се под лекарска грижа, надвор од животна опасност, соопштија албанските медиуми.
Според соопштението од секторот за патна полиција на Албанија со повреди се здобил и возачот А.Т. но е надвор од животна опасност како и сопатникот кој патувал со него, кој е под лекарска грижа.
Претходно албанската телевизија Ора Њуз објави видео снимено од камера во кабината на камионот кој го возел македонскиот државјанин на кое се гледа моментот на сударот со патничко возило на патот Елбасан – Либражд и како точно се случила несреќата во која има четворица повредени.
Имено, каналот Ора Њуз објави монтирано видео кое е предмет на отворена истрага, заради расчистување на околностите кои довеле до несреќата, за кое нагласува дека „покажува како возачот на камион во моментот на несреќата слушал српска музика“, која наводно прекинува веднаш по бочниот удар со патничкиот автомобил кога се извртува шлеперот и ја блокира едната лента од магистралата. Снимката пак покажува и дека коловозот е лизгав поради интензивни врнежи од дожд и дека возачот на автомобилот губи контрола над своето возило.
„Наглото вртење кое го направил возачот на автомобилот во брзина предизвикал возилото да влета на другата лента, судирајќи се со камионот. Од незгодата со телесни повреди се здобиле граѓанинот А.Т. и сопатникот во возилото што го управувал овој граѓанин, кои се препратени за лекарска помош во болница“, напиша утрово Канал Ора.