
За секој оглас во јавниот сектор аплицирале по 7 кандидати лани
Минатата година институциите објавиле огласи за 1.703 вработени. Иако немало интерес како пред 10 години, кога за едно работно место аплицирале по 20 кандидати, државните институции сè уште се посакуван работодавач
Институциите лани објавиле огласи за 1.703 вработени вработување, а примени се 13.010 електронски пријави, односно за едно работно место аплицирале по 7 кандидати, или точно математички пресметано, соодносот е 1 спрема 7,64, покажува Извештајот на Агенцијата за вработување, што го разгледуваше Собранието.
Препорачано
Интересот за вработувања на „државни јасли“ очигледно и понатаму е голем и покрај тоа што во голем дел од нив, почетните платите веќе не се привлечни. Сепак, ако се вратиме назад, интересот порано бил поголем. Така, пред 10 години, односно според Извештајот на агенцијата за администрација за 2013 година, имало објавено огласи за 557 извршители за нови вработувања. Иако бројот на бараните кандидати бил три пати помал од лани, за нив се пријавиле дури 11.833 кандидати, или 21 за секое работно место.
Вработувањата во државните институции се посакувани во цел свет, затоа што работниците таму се чувствуваат позаштитени. Од Сојузот на синдикати посочуваат дека тоа особено се виде во време на пандемијата со Ковид, кога на вработените на одредено работно време, многу фирми не им ги продолжија договорите за работа. Консултиравме и дел од правните експерти во јавниот сектор кој велат дека законите во државните институции се почитуваат.
– Во јавниот сектор, тешко некој да добие отказ, освен ако нема некоја посебна причина. Многу права кои им следат на работниците согласно законот, во приватниот сектор се прескокнуваат за разлика од државниот. Еве, на пример, во огласите за вработувања во приватниот сектор наидуваме и на информации за тоа колкав годишен одмор им следува, па читаме и времетраење помало од законското. Се знае какво е правото на годишен одмор, се знае колку е тоа минимум, колку се деновите што се добиваат плус за стаж, или за функција. Тоа во државниот сектор се почитува. Исто како и ден за свадба, за селидба, што законски следува. Потоа евентуални конфликти односно нетрпеливости поедноставно се разрешуваат, така што вработен од една позиција може да се прераспредели на друго работно место, секако и за тоа има регулатива – велат правниците.
Во јавноста пак, постои перцепција дека вработувањата во јавниот сектор се резервирани за „партиски војници“, затоа се смета дека интересот за вработувањата во државните институции би бил дури и поголем. Истражувањето на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) од оваа година, покажува дека нови редовни вработувања имало особено по изборите.
– Иако немаме големи пикови кај изборните години, промената е очигледна по завршувањето на изборите. Со промената на власта, и поминувањето на одреден период, во 2018-2019 (по формирањето на нова влада во 2017) и 2021 (по изборите во 2020) имаме значителен раст на редовно вработените во јавен сектор. Ова укажува на тоа дека на секоја нова влада потребни и се неколку месеци до 1 година, за да го користи јавниот сектор како можност за вработување. Сепак, се чини последните години, работата во јавната администрација станува се помалку атрактивна, па така, бројот на вработени во јавниот сектор повторно се враќа на нивото од 2015-та година – велат од ЗМАИ.
Во Извештајот за напредокот на земјата за 2023 година од Европската комисија пишува: „Реорганизацијата на институциите од централната власт, насочена кон усогласување на институционалната рамка, елиминирање на преклопените овластувања, подобрување на ефикасноста на администрацијата и подобрување на линиите на одговорност, е одложена поради новиот закон за државна организација што сè уште не е донесен“.
Последен регистар за вработени во јавен секотор се однесува на 2022 година. Според извештајот, имало 1.354 институции со 129.374 вработени.
За секој втор оглас стигнал приговор
Извештајот на Агенцијата за администрација покажува дека за објавените огласи за 1.703 вработени вработување, стигнале 784 жалби. Податоците јасно покажуваат дека за секој втор оглас стигнала жалба, односно приговор.
Агенцијата е таа што според својата надлежност објавува оглас за вработување, ја организира постапката за селекција на административни службеници, го спроведува испитот и води евиденција на пријавени со лажни документ, согласно Законот за административни службеници.