Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За пола година пет животни угинаа од туберкулоза: Безбедна ли е Зоолошката градина за посетителите?

Несомнено е дека и во други зоолошки градини животни заболуваат од туберкулоза, но кога тоа за половина година се случува неколкупати, време е сериозно да се вклучи алармот на надлежните институции, затоа што скопската ЗОО е многу посетувана, особено од деца, па мора да се утврди дали постои опасност од заразување.

Што се случува во скопската Зоолошка градина, каква е состојбата на животните и дали меѓу нив се шири туберкулоза се прашања на кои итно треба да дадат одговори раководството на оваа институција, но и Агенцијата за храна и ветеринарство чии инспектори би требало да вршат редовна контрола во градината.

Пред неколку дена угина мајмунката Софи, а како што соопштија од ЗОО наодите од Факултетот за ветеринарна медицина по направените испитувања за причините за угинувањето покажале дека била позитивна на Mycobacterium tuberculosis complex, односно група бактерии кои предизвикуваат туберкулоза кај животни и луѓе.

По добиените резултати,веднаш е известена Агенцијата за храна и ветеринарство и од наша страна се преземени мерки за дезинфекција и поставување дез-бариери. Живеалиштето на гибоните е изолирано од други животни, а ќе бидат направени и дополнитени испитувања на останатите единки од групата – информираа од Зоолошка, со дообјаснување дека вакви случаи на заболување кај животни се појавуваат во сите светски зоолошки и дека ова не е изолиран случај само од скопската зоолошка.

Несомнено е дека и во други зоолошки градини животни заболуваат од туберкулоза, но кога тоа за половина година се случува неколкупати, време е сериозно да се вклучи алармот на надлежните институции, затоа што скопската ЗОО е многу посетувана, особено од деца, па мора да се утврди дали постои опасност од заразување.

АХВ: Ламите угинале од туберкулоза, ЗОО Скопје казнето со 650 евра бидејќи не пријавиле заразна болест

Пред два месеца, во јули, инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа вонреден инспекциски надзор откако од медиумите дознале дека во Зоолошка градина угинале три лами. Притоа на ЗОО ѝ беше изречена казна од 650 евра бидејќи и покрај законската обврска, не пријавиле сомнеж за заразна болест кај животните. Покрај казната, Зоолошката требаше да стави во изолација две лами кои биле затекнати во живеалиштето за да немаат контакт со други животни и луѓе.

За две од угинатите животни лабораториски потврдено е дека угинале од заразна болест туберкулоза (зооноза) која може да се пренесе и е опасна и за луѓето. За третото угинато животно по извршениот патолошки преглед се чека и лабораториска потврда на истата болест – информираа тогаш од АХВ.

Но само неколку месеци претходно, Зоолошката градина информираше дека е угината лама и дека обдукцијата покажала дека причината за смртта била туберкулоза, од која животното боледувало повеќе од пет години. Веднаш по смртта на ламата, во соработка и советување со АХВ биле направени туберкулински тестови на останатите пет лами, кои, како што беше соопштено подоцна биле негативни. Сепак, до летото угинаа уште три, исто така од туберкулоза.

ЗОО Скопје: Викендов угина лама болна од туберкулоза, болест за која нема лек

За состојбата на животните во Золошка градина реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде посочуваат дека ваквите случаи отвораат сериозни прашања – колку животни загинаа од оваа болест, колку се загрозени и дали вработените и посетителите се безбедни?

Менаџментот на скопската Зоолошка градина и раководството во градот целосно потфрлија. Во градината постојано угинуваат животни поради разни болести. Во ЗОО Скопје владее општ хаос, животни се разболуваат и умираат, а никој не ги третира и лекува. Сите инциденти за разболување и угинување на животните, установата ги крие од јавноста, а со тоа го доведува во опасност здравјето на останатите животни, но и на вработените и посетители. Една од болестите којашто е причина за смртта на голем број животни е туберкулозата, која е заразна болест и претставува вистинска опасност за целата околина – се наведува во соопштението на партијата.

Советникот во Советот на Град Скопје, Стефан Кирков вели дека размислува да иницира свикување вонредна седница на која ќе се дискутира за ситуацијата со епидемијата во скопска ЗОО. Тој апелира институциите да направат координативно тело и да се направи целосен преглед во оваа установа, доколку е потребно и времено да се затвори сѐ додека не се осигура дека сите животни се здрави и додека безбедноста во оваа установа за посетителите и вработените е загарантирана.

Според Кирков  уште осум мајмунлиња се во карантин и се чекаат резултати за нивната состојба.

Од Зоолошката градина на почетокот на оваа година испратија допис до медиумите, поради тоа што во јавноста се ширеа информации дека во минатиот период биле угинати 40 години. Според нивната евиденција во 2023 и 2024 година биле родени вкупно 73, а угинати 25 животни, од кои, како што тврдат, повеќето во длабока старост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот