
За ковид-19 дознавме пред точно две години, а ни кажа еден храбар човек од Вухан
Илјадници луѓе оставаат пораки на профилот на социјалните мрежи на починатиот кинески свиркач Ли Венлианг, кој го објави во јавноста постоењето на ковид-19.
Препорачано
Денес е годишнината откога се дозна за можни случаи на вируси кои предизвикуваат пневмонија кај луѓето во Вухан. Ли Венлианг тогаш ја сподели информацијата со своите колеги лекари, јавува Ројтерс.
На 30 декември 2019 година, Ли, офталмолог во болницата во Вухан каде за прв пат беше откриена епидемија на вирусот Сарс-КоВ-2, видел медицински извештај кој покажува дека потенцијалните случаи на коронавирус САРС биле потврдени во градот. Тој тоа го напиша во објава на неговиот профил на Веибо, кинескиот еквивалент на Твитер на 31 јануари.

На почетокот на јануари, откако информациите за „случаите на САРС“ беа споделени во групата WeChat, локалната полиција го укори Ли, според истата објава на Веибо.
На 12 јануари тој појде во болницата, се зарази со вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19 и почина на 7 февруари 2020 година.
Неговата смрт доведе до лавина од тага на социјалните мрежи во време кога луѓето сѐ уште немаа доволно информации за вирусот, а властите беа критикувани поради нетранспарентност и остриот пристап што се применуваше кон свиркачите како Ли.
Фанг Кеченг од кинескиот универзитет во Хонг Конг вели дека микроблогот на Ли на Веибо во текот на овие две години стана место на интернет каде луѓето ги изразуваат своите чувства што не се осмелуваат да ги изразат на друго место.
-Таквите места за анонимно изразување се потребни во секое општество, а тоа особено важи во денешна Кина, вели за Ројтерс овој комуниколог.
Кина објави 101.683 потврдени случаи на ковид-19 заклучно со 28 декември, а бројот на починати е 4.636.