
За Емил Павлов да учествува на ново ЕП треба да си плати скоро 1.000 евра, па да чека парите да му се вратат
Скандал каков што не се памети во македонски спорт го тресе македонското карате откако КФМ на последната одржана седница донесе одлука учесниците на Европското првенство во Гвадалахара (22-26 март) сами да си го платат сместувањето, а потоа да чекаат парите да им се вратат.
Препорачано
За Македонија на ова Европско првенство треба да настапат 18 учесници и според проценката на КФМ самите ќе треба да подмират 54.560 денари. Треба да се напомене дека помеѓу учесниците е и Емил Павлов кој е двоен европски шампион во 2014 и 2018 година, но и светски вицешампион од минатата година.
Сега Павлов ќе мора сам да си плати скоро 1.000 евра за да донесе нов успех за македонскиот спорт.
КФМ во соопштението остава простор тие средства да бидат вратени на натпреварувачите откако тие ќе ги добијат од Агенцијата за млади и Спорт. Како и да е, одлуката секако не изгледа најпрофесионално и се поставува прашањето зошто средствата не би можеле да претходно да бидат обезбедени, па натпреварувачите без никакви проблеми да се подготвуваат за својот настап.
„КФМ откако ќе добие средства од Агенцијата за млади и спорт подеднакво ќе ги рефундира на сите учесници на првенството. А, за остварен пласман, КФМ средствата ги рефундира според Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентативни селекции“, стои во одлуката од федерацијата.
Реакција на тренерите Сашко и Жарко Арсовски по ваквата одлуката објави „ipon.mk“
„Тренерите на КК Штип-Штип, Сашко и Жарко Арсовски, реагираме бидејќи ни стигна информација од Ваша страна дали нашите натпреварувачи ќе настапат на Европското првенство во Гвадалахара во Шпанија 2023 година. Со што, по Ваше известување, КК Штип ќе треба да издвои средства во висина од 102.000 денари за да нашите натпреварувачи ги бранат боите на нашата репрезентација и нашата држава. Ова е скандалозно, неприфатливо, пред сè, срамно барање од Ваша страна.
Затоа потрудете се да разберете. За Емил Павлов и Бојана Манева, ако не плати клубот, нема да настапат на ова Европско првенство, како го толкувате овој скандал, како и штетните последици кои ќе и ги нанесете на Емил, Бојана и сите други, вклучувајќи го и КК Штип, кој неуморно и во континуитет со максимална посветеност веќе 20 години е најдобар клуб во нашата држава со сениорски светски и европски медали.
Да Ви напоменам дека многу пати резултатите на КК Штип си ги препишуваат други лица. Исто така, морам да ви кажам дека ако не знаете за сениорски медал треба многу долгорочна, но и правилна работа со спортистот во сала и тоа многу долг период како што е случај со златното момче – Емил Павлов, светски вицешампион. Конечно, мора да сфатите дека Вие придонесовте тренерите кои создаваат шампиони да не ја чувствуваат нашата федерација како наша, затоа што не се вреднува нашиот труд и трудот на нашите спортисти“, стои во реакцијата.