
За 1 месец ќе заживее договорот за спречување болнички инфекции со „Скопстер“, најави министерот Азир Алиу
За еден месец на Клинички центар „Мајка Тереза“ ќе почне јавно-приватното партнерство за стерилизација на хируршки инструменти што Министерството за здравство го потпиша со фирмата „Скопстер“ во 2019 година, најави министерот за здравство Азир Алиу во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“. Станува збор за договор за спречување болнички инфекции во болниците, за кој „Скопстер“ најави дека доколку не се реализира како што е предвидено во договорот, на располагање им е да се упатат на арбитража во Вашингтон.
Препорачано
-Еден од проблемите кои што можам да кажам, се соочив во првата недела е проект за јавно-приватно партнерство меѓу една компанија и државата од 2019 година. И бев навистина изненаден, како може проект кој е значаен за државата, да може од 2019 да е активен, да е креирана дел од инфраструктурата од страна на компанијата и ден денеска да немаме функционален систем за стерилизација за тој проект. И наместо тоа, здравствените институции кај нас си прават паралелни капацитети за стерилизација. Навистина не знам што се случило. Проектот најверојатно е лошо дефиниран од самиот почеток, но како инженер почнав решавање на проблеми. Си дадов задача и себеси и на група луѓе што се внатре, дека проблемот не може со години, веќе 6 години да е отворен и реално нефункционален. Дека истиот мора да биде завршен што поскоро. Еве најавувам максимум за месец дена проектот ќе има разрешница, изјави Алиу во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“.
Целта на ова јавно-приватно партнерство беше да се создадат 4 центри (два во Скопје, еден во Охрид и еден во Кавадарци) во кои ќе се стерилизираат хируршките инструменти за сите болници од државното здравство.
Но, во 2025 година ова јавно-приватно партнерство има „фатено сепса“. Од четирите планирани центри, има само еден во „Мајчин Дом“ во Скопје, зашто другите три не им биле ни дадени во владение од страна на државата на приватниот партнер „Скопстер“. Проектот е за европски начин на стерилизација на инструментите за операции во македонските болници, современа дезинфекција на хируршките сали и правилно менаџирање со отпадот. Целосното истражување на „Слободен печат“ на оваа тема прочитајте го на линкот во продолжение.