
Вучиќ рекордер – 80 телевизии со часови го пренесуваа неговото интервју
80 телевизиски станици на територијата на Србија, Република Српска и Црна Гора го пренесоа интервјуто на претседателот Александар Вучиќ за српската телевизија Информер.
Препорачано
„Со ова се прекршува членот 6 од Законот за информации од јавен карактер и медиуми, кој гарантира политички плурализам во медиумите и забранува монопол. Неопходна е реакцијата на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ)“, објасни професорот Раде Велјановски на Н1.
Слободан Ќириќ, потпретседател на Здружението на новинари на Србија, рече дека освен правната страна и евентуалното прекршување на Законот за информации од јавен карактер и медиуми, важно е и прашањето за уредувачкиот концепт на многу електронски медиуми.
„Многу електронски медиуми без никаков отпор, да не речам слепо, пренесуваат некоја содржина без уредувачка интервенција“, изјави Ќириќ за „Данас“.
Слободан Звејиќ, поранешен член на РЕМ, смета дека емитувањето на гостувањето на претседателот Вучиќ на голем број телевизии покажува монополизацијата на медиумскиот простор.
„Вучиќ, сите овие телевизии и РЕМ заслужуваат критика на овој дел од општеството кој се бори за еднаквост, функционални институции и демократски принципи. Принципот е јасен – борба со едногласност“, додаде тој.
Игор Божиќ, програмски директор на Н1, не очекува реакција од РЕМ по ова прашање.
„Емитувањето на 80 телевизии покажува колкава е контролата врз медиумите и како функционира монополот во пракса. Поразително е што вакви апсурдни ситуации веќе никого не изненадуваат“, изјави Божиќ.