
Вучиќ ја помилува девојката што удри студентка со својот автомобил на протестот
Милица Стојановиќ, која удри и тешко повреди студентка со својот автомобил за време на протестите во Белград во јануари, е помилувана од српскиот претседател Александар Вучиќ, соопштија од Третиот основен суд за КРИК. Вучиќ ја објави одлуката минатиот месец и тоа беше најновата во низата добри вести за Стојановиќ – бидејќи прво ѝ беше изречена намалена казна, а потоа беше ослободена од притвор, пренесува Н1 телевизија.
Препорачано
„Таа воопшто не го заслужи ова (судење) и за мене е ужасно што како претседател кој до пред неколку недели не издаде ниту едно помилување за девет години, сега морам да ја исправам неправдата што ја нанесоа обвинителствата и судовите“, рече претседателот Александар Вучиќ кон средината на минатиот месец, коментирајќи ја постапката против Милица Стојановиќ, обвинета за удирање на студентка со својот автомобил на протест во Белград.
Вучиќ го одржа своето ветување – донесе одлука да ја помилува Стојановиќ, по што судот го отфрли обвинението против неа на 1 август, објавува КРИК.
Со ова Стојановиќ целосно е ослободена од кривичното дело што го сторила. Овој потег не е изненадувачки, со оглед на тоа што претходните одлуки беа донесени во корист на Стојановиќ.
Така, иако првично беше обвинета за обид за убиство, за што можеше да добие затворска казна од 10 или повеќе години, главниот обвинител на Вишото обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, го сведе нејзиното кривично дело на сериозно кривично дело против јавната безбедност.
Можеше да биде осудена на максимум пет години затвор, а случајот беше префрлен во понизок суд, Третиот основен суд во Белград.
На промената на кривичното дело ѝ претходеше промена на обвинителката – Стефановиќ го одзеде случајот од обвинителката Јелена Белопавловиќ, која првично го обвини Стојановиќ за обид за убиство. Во тоа време, оваа обвинителка беше нападната од таблоидите кои, меѓу другото, ја обвинуваа дека е дел од „српското судство кое се побунило против државата, законот, правата и правдата“, пишува КРИК.
Потоа Стојановиќ беше ослободена од притвор, каде што беше од јануари.
Ова не е единствениот случај во кој претседателот ги помилува напаѓачите на студентите кои протестираат од ноември минатата година поради уривањето на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Тој неодамна помилува четворица активисти на владејачката Српска напредна партија кои беа на судење за исместување на вилицата на студентка во Нови Сад кон крајот на јануари.
Од 1 ноември минатата година, студентите организираат 16-минутни улични блокади низ цела Србија и им оддаваат почит во тишина на загинатите при уривањето на настрешницата. Набрзо почнаа да ги блокираат факултетите, барајќи одговорност од одговорните за реконструкцијата на настрешницата, како и гонење на напаѓачите на нивните колеги за време на блокадите. Нивните барања досега не се исполнети.