Фестивалот ќе биде отворен со наградуваната претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“

Второто издание на фестивалот „Игор Маџиров“ ќе се одржи со мото „Ослободи ја имагинацијата“

Под мотото „Ослободи ја имагинацијата“ од 27 до 30 септември ќе се одржи второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.

– Минатата година за првпат се соочивме со овој адреналински предизвик кој за нашата институција значи запишување на мапата на светот на професионални фестивали на детски претстави и на „Игор Маџиров“. Среќни сме што второто издание е под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Упатувам и јавно голема благодарност за покровителството и препознавањето на важноста на нашиот фестивал – потенцира Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци – Скопје.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци, а во наредните денови публиката ќе може да ужива во претставите „Шума од песни“ на Институт „Кускус“, Арт продукција од Љубљана, Словенија; „Бременските музиканти“ на Театар „Бабец“ од Битола; „Ова сум јас“ на театарот „Поко локо“ од Загреб, Хрватска; „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија; „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“ во продукција на Албански театар за деца и младинци; „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска; „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац, Србија; и претставата „Error 404“ во изведба на „Ангелес де трапо“ од Малага, Шпанија.

– Годинашната програма е посветна на малите театарски форми. Фестивалот и оваа година, покрај наградата Гран-при, доделува и Награда за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, костимографија, специјална награда. Во составот на стручното жири се режисерот Тин Грабнар од Словенија, кој ќе биде претседател, и членовите: актерот Драган Довлев, актуелен Претседател на Советот на фестивалот, и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог и поранешен директор на Стеријин театар – истакнува Катарина Илиевска – Силјановска.

Новитет за оваа година е воведувањето на детско жири, кое ќе има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот, по нивен избор.

Од оваа година фестивалот „Игор Маџиров“ почнува соработка и со Факултетот за драмски уметности, каде што ќе се одржи работлница за куклен театар наменета за студентите и веќе диполомираните актери и режисери, а истата ќе биде предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осиек, Хрватска.

Во рамките на фестивалот ќе има уште една работилница наменета за деца и наставници, на тема куклен театар, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.

– Задоволни сме што имавме одлични резултати од минатата година. Сакам да ја истакнам важноста на нашиот патрон на фестивалот, Игор Маџиров, симбол на детскиот театар кај нас, воопшто. Верувам и посакувам овој фестивал да прерасне во традиција, затоа што е важен чинител и за публиката и за нас како единствена професионална институција од областа на детско-младинскиот театар – изјави актерот Драган Довлев, претседател на Советот на фестивалот.

Фестивалот годинава е поддржан од Министерството за култура. Претставите се изведуваат на сцените на ТДМ, Театар Комедија, МНТ, Албански театар за деца и млади. Цената на билетите е 200 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот