
Втората сезона на серијата „Одгледани од волци“ почнува на 3 февруари
Премиерата на втората сезона на научнофантастичната серија на врвниот режисер Ридли Скот, „Одгледани од волци“ (Raised By Wolves), е закажана за 3 февруари на „ХБО Гоу (HBO GO)“, кога ќе бидат достапни првите две епизоди.
Препорачано
Приказната е за два андроиди, Татко и Мајка, чија задача е да одгледаат човечки деца на таинствена планета. Во меѓувреме, андроидите учат како да ги контролираат човечките верувања, додека верските разлики ги разединуваат колонистите.
Според официјалниот опис, во втората сезона Мајката (Аманда Колин) и Таткото (Абубакар Салим) со своите шест деца се придружуваат на нова атеистичка колонија во таинствената зона Кеплер 22б. Снаоѓањето во необичната заедница е само почеток на неволјите затоа што „природното дете“ на Мајката се заканува дека ќе го доведе до изумирање и она малку останато од човечката раса.
Во серијата глумат и Тревис Фимел, Нијам Алгар, Ким Енгелбрехт, Винта Маграт, Џордан Лоран, Матијас Варела, Феликс Џејмисон, Итан Хазард, Асија Ша, Ајви Вонг, Питер Кристоферсен, Селина Џонс, Морган Санто, Џејмс Харкнес и Џенифер Саенг.
Продукцијата на серијата е на „Scott’s Scott Free Productions“, а извршни продуценти се Ридли Скот, Арон Гузиковски (кој во исто време е и автор на серијата), Дејвид В. Закер, Џордан Шијан, Адам Колбренер и Марк Хафам.