Враќање на отпишаните – Русија готова до јануари 2025?

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

НАТО и Украина открија голема слабост за која Русија ќе треба бааги да се потруди. Русија ќе треба да смисли како да ги покрие логистичките и борбено сервисните слабости, но и борбеното осигурување, посебно на ПВО системите, а наскоро со тоа и на артилеријата.

Изминатата недела е целосно во знак на новата доктрина на украинските сили на отпорот. Како да нè послушаа па она за кое говоревме пред некој месец. Наместо исфорсирани операции врз база на маневар, балансиран пристап на герилско/партизански начин на војување во офанзива и класични дефанзивни операции на север. Длабоки удари по критична инфраструктура на руска територија, изолирани акции преку доктрина на рој, диверзии и саботажи и во партизански стил преземања системи од непријателот и дејство со нив против непријателот.
Најболно од сѐ за руските тролови е што НАТО-момците имаа момент за блесок. Креативните видеа повторно го преплавија интернетот, особено по неутрализација на првиот „су-57“. Но, тоа не е сè. Доктрината на Макрон, со која се предвидува толчење на Русија до јануари 2025 година, оваа недела како вирус се ширеше по социјалните медиуми, небаре е официјална. Русија ита кон нова кубанска криза. Истовремено, Чешка и Франција издвоено со извештаи за поединци кои во стилот на саморадикализирани актери се спремни да извршат терористички напади во име на Мајка Русија.
На полето на дипломатијата, Орбан со нов блок на Унијата за помош на Украина. Австрија, исто така има своја приказна за Украина и смета дека нејзината неутралност е пред приказните за ограничениот суверенитет. Изборите во Германија засега сè уште може да се како ветер во грб за НАТО, ЕУ и поддршката за Украина. Сепак, според одредени индикатори, расте ксенофобијата и антиукраинското расположение, иако засега е далеку од загрижувачко. Катастрофален скор за Зелените, ЦДУ/ЦСУ – со извонредни резултати. Во Србија видеа што потсетуваат на лошите 90-ти, со епски стихови за командантот Александар. Биби во нова рунда остри дипломатски размени со ООН. Овој пат нивото е повисоко.
Одиме по ред. Враќањето на, или од, отпишаните, е можеби најдобриот наслов за да ја одбележи неделата, ама и повеќе од тоа. Украинските сили на отпорот, со нова доктрина против агресорот. Овој пат наместо војна на маневри која оди на одлучувачки битки за кои не беа кадарни, со нешто што апсолутно одговара на многу оперативни индикатори на теренот. После брзиот продор на руските сили од север, одбраната на Украина се консолидираше, па изненадувањето заглави во ново оперативно исцрпување. Истовремено, додека силите на отпорот во Украина демонстрираат исклучителна жилавост во одбраната на север, почнаа со тивка партизанска ерозија на противникот. Напади на клучни центри, логистика, командни места, аеродроми и други стратегиски капацитети клучни за руската доминација.
Острото око на разузнавачките центри на НАТО вешто ги идентификуваше слабостите на Русија и влијаеше врз своите лидери за смена на одлуките. Тоа, како што пишавме во минатиот број, се операционализираше со политичка одлука за дозвола на употреба на западните системи со голем досег на руска територија. Ваквата одлука, иако политичка, е значителен елемент на изненадување во оперативна смисла. Претпоставката на Русија дека Украина нема оперативен борбен досег до незаштитените стратешки центри од каде што ги лансира најголемиот број тешки напади во исцрпувачките битки и таргетирања што ги водат руските воени сили веќе 6-7 месеци, може да ја нема повеќе. Со ова изненадување (како принцип на војување) Западот ѝ даде ветер во грб на Украина во оперативна смисла, барем засега. Украина може да ја материјализира доктрината на рој и дисперзија и асиметрично да задава стратегиски удари врз руските оперативни цели. Злобниците, може со право ќе забележат дека еден уништен „сухој 57“, и низа противвоздушни системи „С-300“ и „С-400“ не се ништо во споредба со капацитетите што ги има Русија.
Тука би се сложиле ако констатацијата е само на овие параметри и бројки. Арно ама проблемот е во тоа што овој контекст е далеку од оперативната цел на Украина. Приказната во контекст на најавената копнена офанзива што се подготвува (засега според семантиката ако затреба) од страна на НАТО, многу се поклопува со она што пред месец дена (од прилика) го рековме дека НАТО може да ја извлече Украина само ако ги окупира поголемите градови и со тоа физички го операционализира одвраќањето на Русија. Следно, ако овие напади се само дел од мозаикот на операции кои треба да ја тргнат руската воздухопловна доминација штитена од системите за ПВО, тогаш приказната добива друг тек. Впрочем, сетете се дека нашиот аргумент за пропаднатата контраофанзива на Украина беше токму тоа, дека украинските сили не успеаја да осигурат дека имаат тактичка противвоздушна одбрана – мобилна ПВО којашто е карактеристична за силите на САД и ВБ (секако не во сите услови, оти во здружената доктрина на војување, главната претпоставка на овие сили е дека имаат воздухопловна доминација).
Паралелно на тоа, НАТО и Украина открија голема слабост за која Русија ќе треба бааги да се потруди. Русија ќе треба да смисли како да ги покрие логистичките и борбено сервисните слабости, но и борбеното осигурување, посебно на ПВО-системите, а наскоро со тоа и на артилеријата. Еве и зошто. Овие напади сега ќе ја натераат Русија да ги смали нападите на исцрпување за да може да ги осигури до сега речиси незаштитените стратегиски капацитети како „сухоите 57“. Замислете, според видеата на кои се гледа каде страдаше „сухојот“ (базата во Актунинкс е 600 км од Украина и нешто плус до линиите од каде што Украинците може да дејствуваат), авионите не се ниту во хангари, оти ги нема. Наместо со проектили, Украинците овој пат пенетрираа со бавни беспилотни летала, и вешто ги збунија неинтегрираните системи на ПВО на Русија. Како реакција (ефектот што Украинците го постигнаа со овој вид напади) сега, Русите ќе почнат преместување на батериите Бук и Панцир за да ги зајакнат непокриените периметри што досега седеа така оти им се можеше. Руските комплекси во тие делови, досега беа целосно без никаква интеграција на борбено осигурување и огнена поддршка. На пример, во едно од видеата со кое Украинците се пофалија дека уништуваат „С-400“ систем (кој е само еден од низата во изминатите денови) имаше само четири фрлачи „5P85SM2-01“ со 16 проектили „48N6DM“ и еден шестканален радар за осветлување „92N6“. Наспроти ова, Украина употреби некои батерии „HIMARS“, успешно преоптоварувајќи ги фрлачите оти беа недоволни и слабо интегрирани во систем што е потребен за ефективна ПВО.
Логичното прашање, во еден ваков контекст е што во практика тоа може да значи. Дали Путин ќе се налути и ќе почне да се одмаздува или не. Засега е тешко да се каже дека ќе сака да примени таква промена во неговите планови што се заснова врз две клучни претпоставки. Едната оперативна која веќе ја рековме – за украинскиот хендикеп на оперативен досег – дострел на системите што ги имаат – значи да може да удрат длабоко на територијата на Русија. Другиот е стратегиски – политички. Русија смета на хендикепот на Запад – политичкиот страв. Тој страв доаѓа од претпоставката дека ако се смени владејачкото мнозинство, ќе снема политичка поддршка за Украина поради тоа што Русија оперативно е недопирлива и може да води војна на исцрпување, нешто за што Западот ќе снема стомак да го поддржува на долги патеки.
Но, новата доктрина менува сè. Оперативниот центар на гравитација на Украина е сменет, а Русија ќе мора да го штити својот. Штитејќи го својот оперативен центар, дава стратегиски „релакс“ за Западот, да здивне од притисокот што во изминатите месеци Путин успеа да го постигне. Ова е голем тест за Русите, бидејќи тоа значи и тест за нивните капацитети. Сега сателитите на НАТО ќе следат колку брзо Русите ќе може да ги распоредат потребните системи за да ја постигнат потребната одбрана и да го вратат комодитетот.
За растегнувањето на силите и оперативниот замор, сега нема да говориме. Само би рекле дека западните сојузници ќе ги ловат руските батерии, знаејќи дека Русите имаат неколку десетици од овие дивизии со повеќе од илјада фрлачи. Распоредувањето на нови системи бара време за движење, време за поставување и повеќе време за интегрирање на системите. Тоа, драги мои, значи и пресметка за да се утврди колку време им е потребно на Русите да распоредат нов систем, но и на целиот процес на распоредување за да се покрие даден регион, ако работите тргнат наопаку (според она што сметаме дека е неизбежно за НАТО и Западот за да се спасат од срамен пораз во Украина – значи распоредување сили во Украина кои ќе имаат одвраќачка улога).
На „панагон“ на ова е и фактот дека освен капацитетите за распоредување на системите „Бук М3“, „Тор-2М“ или „Панцир“ за да ја покријат „комфор“ зоната од каде напаѓаат, е фактот што за западните системи наведените руски системи се лесна мета за оптоварување и неутрализација. Во оперативна смисла сојузниците им помогнаа на Украинците да ја израмнат, па дури и да ја преземат иницијативата. Без разлика на сè, тоа имплицира три работи како можни сценарија. Прво, дека бројот на операции ќе се зголеми. Тоа значи дека Западот нема да распореди сили, ама ќе продолжи да доставува поголем број вакви проектили и ќе биде спремен да ги комбинира со поголеми операции преку интервали за оперирање. Тоа ќе биде и заштита на „ф-16“ во иднина додека ги толчат руските стратегиски капацитети до момент во кој ќе предизвика ефект за политички преговори и оттурнување од сегашната позиција во која се наоѓа Русија.
Второ, овие операции овозможуваат стратегиска анализа и тест на руските капацитети во практика. Русија не може да импровизира или да камуфлира. Таа мора да реагира или да се откаже од сегашната доктрина, што пак е купување време за Западот, но и стратегиски импликации за Русија.
Трето, сценариото што го говоревме кое е најмилитантно, но со најголема шанса за успех да донесе мир. Распоредување сили во поголемите градови во Украина и можност за симултана војна ако на тоа се реши Путин да удира по НАТО-сили со голем број противници одеднаш. Точно е дека ризикот од нуклеарна пропаст со тоа оди на 100. Ама точно е и дека ваквиот ризик светот го видел веќе со лидери што се понерационални и пресметливи од Путин и кои само што излегле од војна со победоносен дух, значи биле во полет, па запреле.
Да, драги мои, зборуваме за годините по Втората светска војна и нуклеарните тестови, за годините кога светот треперел од стравот од нуклеарна војна. Психолозите што го анализирале овој концепт за одржување на мирот, тврдат дека функционира. Практиката го потврдува тоа, барем засега. Дали тоа ќе остане и понатаму, треба да видиме. Засега ќе речеме дека Западот мора да го реши проблемот со времето, бидејќи до крајот на годината за Украина ќе може да бидат испорачани само 20 пилота за „ф-16“. Тие драги, мои, се малку за Македонија, а не за Украина наспроти Русија.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот