
Вработените во „Паркови и зеленило“ утре и задутре пак ќе блокираат булевари во Скопје
Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“ најави дека утре и задутре повторно ќе го блокираат сообраќајот бидејќи сѐ уште не им е исплатена платата за август. Како што соопштија, од 9:30 до 11 часот ќе блокираат од семафорите на крстосницата на булевар „Илинден“ со улицата „Никола Тесла“. Протестот ќе заврши пред дирекцијата на ЈП „Паркови и зеленило“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Протести имаше и денеска, заедно со „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми-ќерки на ова претпријатие.
Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски за МИА изјави дека по завршување на денешниот протест добиле информација дека е исплатена платата на вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, но плата се уште немаат вработените во „Флораком“ и „Луна“.
– Поради тоа утре повторно ќе има протест на ДООЕЛ „Флораком“ и „Луна“, на булевар „Илинден“, кај Матично – изјави Кашиковски.
Кашиковски информира дека како синдикат заедно со стручниот тим во ЈП „Паркови и зеленило“ иницирале да се изнајде нов модел за финансирање на претпријатието, по искуствата од соседните земји.
– Факт е дека со овој начин на финансирање на ЈП „Паркови и зеленило“ не можат да се исплатат плати, додатоци на плати, за основно функционирање на претпријатието. Тоа планираме да го изработиме како документ во наредните две недели. Со оглед на тоа дека има локални избори на 19 октомври, планираме нашите предлози на 15 или 16 октомври да ги изнесеме во јавност и да побараме од идниот градоначалник, без разлика кој ќе биде, да го земе тоа предвид како начин за финансирање на ова претпријатие и на фирмите „Флораком“ и „Луна“ – додаде тој.