
Воздушниот инцидент во Полска ја откри Ахиловата пета на НАТО
За прв пат во 76-годишната историја на НАТО, еден член на алијансата се соочи со директна „руска закана“ на својот воздушен простор. Полската воздушна одбрана наводно собори три руски беспилотни летала, а подоцна откри уште дополнителни на источното крило на НАТО, што ја отвори дилемата за подготвеноста на алијансата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според американски медиуми и National Interest, овој инцидент ја тестира решителноста на алијансата во вториот мандат на Доналд Трамп и ја нагласува потребата од зголемување на одбранбената готовност на НАТО.
Дефицит на човечки ресурси го загрозува капацитетот на НАТО
Иако вниманието во наредните недели ќе биде насочено кон зајакнување на воздушната одбрана, инцидентот во Полска открива подлабока ранливост на НАТО како растечкиот недостиг на воен персонал. Имено Алијансата моментално нема доволно кадар за исполнување на своите регионални одбранбени планови, а камоли за одвраќање на потенцијално поголеми руски сили, наведува американскиот тинк-тенк.
Дури и ако сите членки се придржуваат до обврската да трошат 5% од БДП за одбрана, пополнувањето на празнините во човечки ресурси може да се покаже како поголем предизвик од финансиските средства.

Демографските трендови, како падот на раѓањето во ЕУ под 4 милиони во 2022 година, заедно со фактот што воената служба одамна не е атрактивна за младите, дополнително ја влошуваат кризата.
Според податоците, сојузниците трошат околу 36% од буџетот за човечки ресурси, додека некои земји како Италија достигнуваат речиси 60%, но тоа сепак не е доволно за одржување на ефективна одбрана.
Предизвици на поединечни членки на алијансата
Германија, со ограничен културен интерес кон професионална служба, ќе се соочи со тешкотии при зголемување на активниот состав за 30.000 војници во наредните шест години, иако земјата е еден од најголемите снабдувачи на оружје за Украина.
Норвешка има десетгодишен план за зголемување на безбедноста за 50% до 2036 година, но краткиот рок на служба и мала популација го ограничуваат континуитетот на кадарот. Полска, покрај инцидентот со беспилотните летала, ја чувствува логистичката и кадровската ранливост при секое брзо зајакнување на подготвеноста.
Во меѓувреме, Русија располага со околу 1,5 милиони активни војници, поголема резерва и напредна воена индустрија, а Кина ја одржува најголемата армија на светот и ја продолжува модернизацијата. Во вакви услови, клучниот проблем на НАТО не е опремата, туку човечкиот кадар: регрутирање, задржување, развој на резерви и поврзаност со цивилниот пазар на трудот. Без реалистични модели за управување со персоналот, амбициозните одбранбени планови ризикуваат да останат само на хартија.
Во сублимиран заклучок на аналитичарит, инцидентот во Полска го открива основниот предизвик пред НАТО а тој е дека и со напредна технологија и финансиски ресурси, алијансата е ранлива без доволен човечки потенцијал.
Во услови на растечка руска и кинеска воена моќ, способноста на НАТО да ги реализира своите одбранбени планови зависи од тоа колку ефективно ќе ја реши кризата со кадарот, развивајќи стратегии за регрутирање, задржување и ефикасно користење на резервите. Политичките амбиции на хартија ќе останат недоволни ако реалната подготвеност не го следи нивото на ризикот.