Полска војска EPA-EFE/MICHAL MEISSNER POLAND OUT

Волстрит журнал: Трамп предлага испраќање дополнителни американски војници во Полска

Американскиот претседател Доналд Трамп го покрена прашањето за испраќање дополнителни американски војници во Полска во разговор со новоизбраниот полски претседател Карол Навроцки, по неодамнешниот инцидент со беспилотно летало што го наруши полскиот воздушен простор, објави „Волстрит журнал“.

Весникот наведува дека Трамп „топло го пречекал“ полскиот лидер за време на неговата посета на Вашингтон претходно овој месец, нагласувајќи дека безбедносната соработка е клучна во време на зголемени тензии во регионот. За потсетување во јуни, членките на НАТО се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана повеќе од двојно.

Портпаролката на полското Министерство за внатрешни работи, Каролина Галецка, објави дека на 12 септември, на полска територија се пронајдени остатоци од дури 17 беспилотни летала. Само еден ден подоцна, премиерот Доналд Туск потврди дека војската регистрирала вкупно 23 беспилотни летала што го нарушиле воздушниот простор на земјата, од кои неколку биле соборени. Тој директно ја обвини Русија за инцидентот и повика на итни консултации со сојузниците во согласност со член 4 од Повелбата на НАТО.

„Ова е прв пат руски беспилотни летала да бидат соборени над територијата на нашата земја“, рече Туск, нагласувајќи дека Полска мора да биде подготвена за сите сценарија.

Реакции од Минск и Москва

Од друга страна, првиот заменик-министер за одбрана на Белорусија, генерал-мајор Павел Муравејко, изјави дека Минск навремено ѝ доставил на Варшава информации за изгубеното летало, што им овозможило на полските сили да го зголемат нивото на готовност.

Москва, сепак, негираше одговорност. Руското Министерство за одбрана нагласи дека на 10 септември немало планирани цели на полска територија, додавајќи дека дострелот на руските беспилотни летала „не надминува 700 километри“, со што ја доведе во прашање верзијата за нивното преминување на границата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот