
Волшебното стапче за ЈСП
Без гласовите на советниците од ВМРО-ДПМНЕ нови автобуси не можат да се набават. Значи, колку што е виновна Арсовска, толку, ако не и повеќе, се виновни и тие. Затоа, Ѓорѓиевски подобро да се воздржи од најавите дека по локалните ќе се среди јавниот превоз, зашто внесува уште поголема нервоза. А со нервозни луѓе не е лесно!
Голготата што секојдневно ја преживуваат скопјани во јавниот градски превоз во моментов, никого освен нив самите не го засега. Ќе мора да се мачат, да се смрзнуваат, преку лето да се прегреваат по автобуските станици и во автобусите без клима што крцкаат и стенкаат по скопскиот асфалт – и да чекаат да дојдат локалните избори. Потоа, јавниот превоз ќе процвета.
Препорачано
ВМРО-ДПМНЕ и неговиот во моментов најспоменуван кандидат за иден градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, веројатно имаат некое волшебно стапче за јавниот превоз со кое ќе замавнат и за неколку месеци по изборите сѐ ќе функционира совршено и граѓаните ќе се спасат од сегашното малтретирање. Како поинаку да се протолкува изјавата на Ѓорѓиевски, па и на министерот на транспорт и врски Александар Николовски, дека проблемот со автобусите ќе се реши по локалните избори.
Ако знаат како, еве, нека го понудат сега решението, доколку навистина се грижат за граѓаните и доколку мислат дека градоначалничката Данела Арсовска не е способна сериозно да се зафати со овој проблем. Нека донесат автобуси. Нека го оправат ЈСП. Зошто да чекаат до изборите? Зошто ги оставаат граѓаните со ваквите сериозни проблеми цела година? Од инает кон Арсовска или за да поентираат политички во предизборната кампања?
Ако имаат решение за ЈСП, нека го направат сега потребниот чекор. Еве, на пример, нека ги убедат советниците од нивната партија да гласаат за набавка на нови автобуси или за воведување БРТ. Без изгласување на оваа одлука од нивните сопартијци, нови автобуси не можат да се набават. Значи, колку што е виновна Арсовска (која за жива глава нема намера да ја напушти фотелјата, иако цел град пропаѓа) – толку, ако не и повеќе, се виновни советниците во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.
Жално е што актуелните функционери од оваа партија мислат дека граѓаните имаат памтење како риби и дека забораваат што се случуваше пред три години. Истите тие што сега со „нула ја множат“ градоначалничката, ни ја презентираа како најдоброто нешто што му се случило на градот. Мавтаа со заедничката програма „За модерно Скопје“, ветуваа (заедно) бесплатен превоз и 250 нови автобуси, се сликаа со неа, ја носеа од населба во населба, славеа победа со зурли и тапани. И сѐ така додека не се скараа.
Нивната кавга веќе две и пол години го руинира Скопје, вклучително и градскиот превоз. Сега, нема извини! Ниедно извини кај народот не помага, затоа што сите заедно му покажаа дека за нив граѓаните се безвредни, дека е побитно кој кого ќе надмудри и навреди во меѓусебните кавги.
И после – да сме чекале локални избори. А зошто некој би верувал во сегашните и претстојни предизборни ветувања кога на минатите луѓето беа излажани? Конечно, дали партијата на власт е толку сигурна дека нивни човек ќе седне во градоначалничката фотелја, дека ќе има мнозинство во Советот кое ќе му даде бланко поддршка? Старите велат – прво скокни, па кажи оп!
До локалните избори има уште нецела година. Дотогаш, а не по локалните избори, треба да има некакво решение за јавниот превоз. Да се видат некои резултати, да почувствуваат луѓето што секојдневно користат јавен превоз дека се луѓе. Затоа што достоинството им го згазивте, им го „треснавте“ од земја. Еден нормален јавен превоз да не може да се обезбеди во главен град на држава која претендира еден ден да биде членка на ЕУ.
Ѓорѓиевски во иднина подобро да се воздржи од најавите дека набрзо по локалните избори ќе се среди јавниот превоз. Тие не охрабруваат, не влеваат надеж кај народот, туку уште поголема нервоза. А со нервозни луѓе, не е лесно!