Водата во Скопје стига низ цевководи „пред пензија“, Арсовска сега ја испитува нивната состојба

Фото Град Скопје

Состојбата на цевководот и дали тој ќе може да го издржи притисокот и вибрациите од БРТ-системот, чии траси треба да поминуваат врз цевководот беа една од главните причини зошто мнозинството советници во Советот не дадоа поддршка за проектот за БРТ.

Каква е состојбата на двата водоводни цевководи во Скопје, кои се во функција речиси 60 години, треба да покажат испитувањата и анализите за стратешката студија што ја подготвува Град Скопје. Анализите и испитувањата на терен веќе се почнати пред еден месец и нив ги изведуваат експерти и професори од Машински факултет.
Станува збор за двата главни магистрални цевководи, од кои едниот се протега по булеварот Партизански одреди, а другиот по булеварите Словенија и Босна и Херцеговина. Цевките се челични, со профил 1.600 милиметри, поставени се по земјотресот, односно нивната изградба е започната во 1964 година и оттогаш не се испитувани, па со оваа студија треба да се добие детална слика за состојбата, со што би се добиле насоки како да се постапи во иднина.

Водоснабдувањето на град Скопје се темели на значителни количини вода што се расположливи од двата каптажни објекти на изворот Рашче, а водата се движи преку два челични цевководи. Се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел, состојбата на објектите што се изградени за правилна експлоатација на цевководот односно армирано бетонските шахти со хидро-машинска опрема, мостовската конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и друга заштита. Истакнувам голема благодарност на експертите и професорите од Машински факултет за сите заложби да добиеме прецизна студија за магистралните водоводни цевководи што се изградени пред 60 години, а студијата треба да даде информации какви мерки треба да се преземат за да се превенираат несакани појави во иднина и да се имаат сите информации за овие клучни цевководи во Скопје – нагласи градоначалничката Данела Арсовска неодамна кога ја промовираше изработката на стратешката Студија за дијагностика и утврдување на состојбата на двата постоечки цевководи, која всушност е еден од нејзините ветени проекти од програмата „За модерно Скопје“.

Фото: Град Скопје

Денеска од Град Скопје најавија дека продолжуваат со втората фаза за реализација на проектот, која се одвива моментално во општина Ѓорче Петров.

Во втората фаза се анализира состојбата на самите цевки во нивниот надземен и подземен дел во општина Ѓорче Петров, состојбата на објектите што се изградени за правилна експлоатација на цевководот односно армирано бетонските шахти со хидро-машинска опрема, мостовската конструкција на надземниот дел од цевководот, како и опремата за активна катодна и останата заштита – соопшти Арсовска.

Решавањето на проблемот со водоводната мрежа беше еден од приоритетите на градоначалничката Арсовска во предизборниот период кога таа вети дека ќе се работи на оптимизација на водоснабдителниот систем, со што ќе овозможи заштеда на електрична енергија, вода, контрола на притисокот на мрежата што предизвикува чести дефекти и загуби на вода во системот.

Водата во Скопје се произведува и дистрибуира преку неколку главни објекти, а тоа се изворот Рашче, бунарите во Нерези и Лепенец, хлоринаторски станици, препумпни станици, хидрофори, резервоари и водоводна мрежа.

Потребите за вода речиси во целост се обезбедуваат од изворот Рашче, кој се состои од две каптажи Рашче 1 и Рашче 2, со вкупен инсталиран капацитет од 6 м3/во секунда односно 6.000 литри/во секунда. Кога потрошувачката на вода е значително зголемена, особено во летниот период, некогаш и покрај капацитетот на Рашче се активираат бунарите во Нерези и Лепенец.

Доводот на водата од изворот Рашче до корисниците се врши преку двата челични цевководи, со профил ф-1600 милиметри, кои по надвозниот пат за Ново Село се одвојуваат и едниот по Партизанска оди кон градот, а другиот кон индустрискиот комплекс Железарница.

Цевководот под булеварот Партизански одреди беше и една од причините поради кои градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ беа против воведувањето на брзиот автобуски превоз во Скопје. Во меѓувреме, за две години од мандатот Арсовска се премисли и најави дека БРТ-системот ќе се реализира, но советниците од ВМРО-ДПМНЕ останаа на својот став и не ја изгласаа одлуката за БРТ во Скопје. Состојбата на цевководот и дали тој ќе може да го издржи притисокот и вибрациите од БРТ-системот, чии траси треба да поминуваат врз цевководот беа една од главните причини зошто мнозинството советници во Советот не дадоа поддршка за осовременување на градскиот превоз по проектот на ексградоначалникот Петре Шилегов.

Фото: Град Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот