
Водата не е радиоактивна и почвата не содржи опасни метали по пожарот во Трубарево
Институтот за јавно здравје соопшти дека единствено е забележано зголемување на бакар и цинк во слојот од почвата каде што изгореле литиумските батерии во Трубарево, што е очекувано.
Вонредното испитување на почвата, водата и воздухот во подрачјето на Трубарево не покажало присуство на радиоактивност ниту, пак, отстапувања од референтните вредности за тешки метали во почвата, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Препорачано
ИЈЗ во вторникот ги објави резултатите од вонредните анализи, спроведени по големиот пожар што избувна во саботата во магацин за отпад во скопското село Трубарево.
„Институтот за јавно здравје изврши вонредно испитување во засегнатото подрачје и во неделата беа земени примероци, мостри од страна на професионален експертски тим од ИЈЗ за испитување на радиоактивност во вода, почва и воздух како и примероци за испитување на тешки метали во почва, земја и испитување на тешки метали во вода. Во текот на вчерашниот ден, ИЈЗ извести дека според резултатите и направените анализи, во земените примероци не е утврдено присуство на радиоактивност во воздух и во почва, а не е утврдено ни присуство на тешки метали во вода“, соопштија од ИЈЗ во вторникот.
Дополнителните анализи покажале дека нема отстапувања од референтните вредности за вкупно 16 тешки метали (Pb, Cd, As, Ni, Hg Cr, Cu, Zn, Sn, Ba, Be, Co, V, Tl, Mo, Sb).
Оттаму појаснуваат дека единствено е регистрирано зголемување на бакар и цинк во површинскиот слој на местото каде што изгореле литиумски батерии, што се смета за очекувано.
„Се забалежува зголемување на два параметри Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место, а тоа е површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии и истото е во рамките на очекувањата. Во сите останатите места нема отстапување од референтните вредности за испитаните 16 тешки метали“, се вели во соопштението.
Како што посочија од Институтот, се испитала и радиоактивноста во примероците од вода и според добиените резултати, нема радиоактивност на земени примероци од вода.
Од ИЈЗ нагласија дека анализите се направени во најкус можен рок и дека истите ќе бидат повторувани според предвидените протоколи.