
ВО ЖИВО | Конфликтот во Украина, вести од минута во минута
22:27 Бајден: Америка нема да води трета светска војна во Украина
Американскиот претседател Џо Бајден истакна дека САД нема да испратат копнени трупи во Украина, пренесува Си-Ен-Ен.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Нема да водиме Трета светска војна во Украина, рече Бајден откако повтори дека САД ги поддржуваат сојузниците во НАТО. Тој вети дека САД ќе го бранат секој дел од територијата на НАТО. Бајденнагласи дека „директен конфликт меѓу НАТО и Русија би бил Трета светска војна и тоа е нешто што мораме да го избегнеме по секоја цена”.
22.00ч. ФОТО: Се породи трудницата од Мариупол околу која се крена голема врева
Маријана Вишегирскаја, облечена во исти пижами со точки, е фотографирана како ја држи новородената ќерка, објави Гардијан.

Една од трудниците сликана како бега од урнатините на породилното одделение од болницата во Мариупол, бомбардирана од руските сили, роди ќерка.
Маријана Вишегирскаја, облечена во истите пижами со точки во кои беше сликана додека се мачи по скалите на опустошената болница, во петокот беше фотографирана од Асошиетед прес како лежи во болнички кревет држејќи ја својата новородена ќерка Вероника.
21.45ч. ТАСС: Над два милиони луѓе сакаат да бидат евакуирани од Украина во Русија
Во изминатите 24 часа над 23.000 луѓе изразиле намера да бидат евакуирани во Русија, изјави шефот на рускиот Национален контролен центар за одбрана, генерал-полковник Михаил Мизинцев, пренесува ТАСС.
Тој тврди дека засега 2.619,026 милиони луѓе изразиле желба да бидат евакуирани во Русија, дополнувајќи дека руските власти ги имаат имиња и адреси. Тој прецизира дека тие се од над 2.000 станбени области лоцирани во Украина.
21.30ч. Американската потпретседателка го пофали романскиот одговор на миграциската криза
Американската потпретседателка Камала Харис го пофали хуманитарниот одговор на Романија на бегалската криза предизвикана од војната во Украина.
– Би сакала, за момент, да зборувам директно со Романците, да ви се заблагодарам во име на САД, рече Харис по состанокот со романскиот претседател Клаус Јоханис во Букурешт. – Романија беше извонредна во великодушноста и храброста што ја покажа, рече Харис.
Таа додаде дека Вашингтон е свесен за „особените предизвици” со кои се соочува оваа источноевропска земја географски.
21.17ч. Пентагон: Се чини дека рускиот конвој користи нова тактика на патот кон Киев
Повеќекилометарскиот конвој руски воени возила надвор од украинската престолнина Киев се дисперзира на повеќе места, но тоа не значи дека заминува, според американската влада, јави ДПА.
Некои возила излегоа од патот и се паркираа меѓу дрвјата, изјави висок претставник на американската одбрана на анонимен брифинг од Пентагон.

– Тие не одат никаде. Не е како да скршнале од патот до Киев, но веруваме дека се преселиле во дрворедите за да се обидат подобро да ги маскираат возилата бидејќи повторно, Украинците изнаоѓаат начини… за напад на возилата”, рече службеникот.
21.00ч. Локални власти: Руските сили го гранатираат пристаништето Миколаив
Руските сили го гранатираат вечерва украинското пристаниште Миколаив, објави регионалниот гувернер.
Руските сили денеска гранатираа три градови во Украина – вклучително и два на западниот дел на земјата – со што се проширува опсегот на нејзината воена офанзива.
Во гранатирањата се погодени аеродромите во Луцк и Ивано-Франковск, далеку од главните области на конфликтот, и станбени згради во стратешки важниот град Днипро.
20.25ч. ОН: Голема е веројатноста Русите да користат касетни бомби во населени области
Канцеларијата за човекови права при ОН соопшти дека има „веродостојни извештаи” кои покажуваат дека руската војска постојано користела незаконски забранети касетни бомби во населените области на Украина, нагласувајќи дека оваа практика се смета за воено злосторство.
Агенцијата на ОН има десетици свои набљудувачи во Украина, а повеќе треба да пристигнат кога ќе почне со работа комисијата формирана од Советот заради истрага на можни воени злосторства. Засега е потврдена смртта на на најмалку 549 цивили од руската инвазија на Украина на 24 февруари. ОН велат дека вистинската бројка е веројатно поголема.
– Употребата на касетна муниција во населените области поради нејзиниот широк опсег не е во согласност со принципите на меѓународното хуманитарно право за водење конфликти, изјави за новинарите во Женева портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права, Лиз Тросел.
20.50ч. ВИДЕО: Мариупол под опсада: Гранатирани болници и џамијата на султан Сулејман, досега загинаа над 1.500 цивили, ги закопуваат во масовни гробници
Најмалку 1.582 цивили се убиени во Мариупол во југоисточна Украина за време на гранатирањето на руските сили и 12-дневната блокада, соопшти денеска градскиот совет.
„Никогаш нема да заборавиме и нема да го простиме ова злосторство против човештвото“, се вели во соопштението.
Besieged Mariupol is now the worst humanitarian catastrophe on the planet. 1582 dead civilians in 12 days, even buried in mass graves like this one. Unable to defeat the Ukrainian Army, Putin bombs the unarmed, blocks humanitarian aid. We need planes to stop Russian war crimes! pic.twitter.com/CSFPSlzrTa
— Dmytro Kuleba (@DmytroKuleba) March 11, 2022
Ситуацијата во Мариупол е критична, предупреди украинското Министерство за внатрешни работи, а не се знае дали помошта ќе може да стигне до опколениот град, јави Танјуг.
Вадим Денисенко, советник во Министерството за внатрешни работи, изјави дека не е јасно дали осум камиони со хуманитарна помош ќе можат да стигнат денеска до јужното пристаниште, пренесува Ројтерс.
19.10ч. Украина стравува од инвазија и од Белорусија вечерва во 21 часот
Украинскиот Центар за стратешки комуникации предупреди дека не може да исклучи дека Белорусија ќе започне инвазија на Украина денеска, по средбата во Москва меѓу рускиот и белорускиот претседател Владимир Путин и Александар Лукашенко.

„Според прелиминарните податоци, белоруските сили би можеле да започнат инвазија на 11 март во 21 часот“, соопшти Центарот, што е 20 часот по средноевропско време.
18.35ч. ОН нема сознанија за постоење на некоја програма за биолошко оружје во Украина
Шефицата за разоружување при ОН Изуми Накамицу изјавидека Обединетите нации немаат сознанија за каква било програма за биолошко оружје во Украина.
Советот за безбедност на ОН е свикан по барањето на Русија за да се разговара за тврдењата на Москва, презентирани без докази, за американските „биолошки активности” во Украина.
Накамитсу се осврна и на „загрижувачкото прашање” за безбедноста на нуклеарните централи во Украина
Таа рече дека несреќа со нуклеарни постројки во Украина „може да има тешки последици за јавното здравје и животната средина”. Накамитсу вели дека „мора да се преземат сите чекори за да се избегне тоа”.
Таа потенцираше дека можноста за несреќа предизвикана од прекин на напојувањето на реакторот или неможноста да се обезбеди редовно одржување „се зголемува од ден на ден”.
18.24ч. Русија тврди дека пронашла докази за отстранување на украинското биолошко оружје, САД и Украина негираат
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја тврди дека силите на Москва пронашле докази за обид да се расчистат доказите за биолошко оружје во Украина, јави Би-Би-Си.
Говорејќи на средбата на Советот за безбедност на ОН, свикана на барање на Русија, Небензја рече дека руските сили пронашле докази за мрежа од „најмалку 30″ лаборатории за биолошки истражувања чија цел е зајакнување на неколку „смртоносни болести”.
Тој тврди дека на локациите биле спроведени „многу опасни биолошки експерименти” во координација со САД. Тој не приложи никаков доказ за своите тврдења, а шефот за разоружување при ОН Изуми Накамицу рече дека не знае за каква било програма за биолошко оружје во Украина.
17.58ч. Бајден објави нови санкции против Русија
Американскиот претседател Џо Бајден објави нови санкции против Русија и рече дека Г7 ќе воведе нови санкции за се поголем број руски олигарси и нивните семејства.

– Г7, исто така, го засилува притисокот врз корумпираните руски милијардери. Додаваме нови имиња на списокот на олигарси и нивните семејства, изјави Бајден во Белата куќа.
– Тие го поддржуваат Путин. Крадат од рускиот народ и се обидуваат да ги скријат своите пари во нашите земји. Тие се дел од таа клептократија што постои во Москва и мора да бидат дел во овие санкции, рече тој.
17.52ч. Украина тврди дека Русите се обидуваат да преземат контрола врз уште една нуклеарна централа
Руските власти се обидоа да ја преземат контролата врз украинската нуклеарна централа Запорожје, изјави шефот на украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом.

Руските сили му кажале на украинскиот персоналот дека електраната сега и припаѓа на руската државна компанија Росатом, изјави шефот на Енергоатом, Петро Котин. Тој додаде дека 10 претставници на Росатом, вклучително и двајца високи инженери, потоа неуспешно се обиделе да влезат во електраната и да го преземат управувањето.
17.17ч. Украина: Путин ќе изврши терористички напад врз Чернобил
Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина соопшти дека Русија планира терористички напад врз Чернобил.

– Според достапните информации – Владимир Путин наредил подготовка на терористички напад врз нуклеарната централа во Чернобил. Се планира предизвикување технолошка катастрофа, а окупаторите ќе ја префрлат одговорноста на Украина, се вели во соопштението.
Во моментов, Чернобил е целосно исклучен од системите за мониторинг на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
17.02ч. Европската унија усвои агенда за справување со последиците од војната во Украина
Лидерите на земјите членки на ЕУ, собрани во замокот во Версај, усвоија заедничка агенда, за преземње конкретни мерки за справување со последиците од војната во Украина. Во однос на енергетиката, ЕУ ќе дефинира „акционен план” за излез од „руската енергетска зависност” до 2027 година, јави дописникот на МИА.

– Но, овие независни избори имаат цена. Ние мериме колку нашата храна, нашата одбрана се предмет на суверенитет. Сакаме да ги избираме нашите партнери и да не зависиме од нив, нагласи домаќинот на самитот Емануел Макрон.
Во однос на одбраната, станува збор за „дефинирање на инвестициите што ни се потребни”. „До мај” ќе биде претставена европската одбранбена стратегија. Европската унија ќе ги „консолидира своите одбранбени сектори”, додаде францускиот претседател.
16.42ч. Зеленски: Русија испраќа убијци од Сирија во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија најмува „убијци” од Сирија за да се борат во Украина, откако Москва рече дека на борците од земјата разурната од војна ќе им биде дозволено да им се придружат на нејзините сили.

– Ова е војна со многу тврдоглав непријател … кој одлучи да користи платеници против нашите граѓани. Убијци од Сирија – земја во која сè е уништено … како што прават овде со нас, рече тој во видео обраќање објавено на Телеграм.
Зеленски рече дека Европската унија „треба да направи повеќе” за неговата земја која е во проблеми, еден ден откако лидерите на ЕУ ги урнаа нејзините надежи за брзо приклучување кон Унијата, пренесува Бгнес.
15.34ч. Швајцарија ги повикува своите граѓани да ја напуштат Русија
Швајцарија ги советува своите граѓани да ја напуштат Русија, соопшти швајцарското Министерство за надворешни работи.
– Се препорачува швајцарските граѓани чие присуство во Русија не неопходно, да ја напуштат земјата на свој трошок. Одлуката за напуштање на државата е индивидуална одлука, се вели во упатството за патување на веб-страницата на швајцарското МНР, кое беше ажурирано денеска.
15.15ч. Владимир Кличко: Во секој момент може да се случи напад на главниот град на Украина
Владимир Кличко, припадник на украинските сили за територијална одбрана, поранешен боксерски шампион и брат на градоначалникот на Киев, за Си-Ен-Ен изјави дека руските војници денеска напаѓаат области ширум Украина, а нивна главна цел е главниот град Киев.
– Во наредните денови очекуваме голем напад на главниот град. Тие се прегрупираат. Тие се обидуваат да најдат различни стратегии и се обидуваат да го најдат вистинскиот начин и вистинското време. Значи секој час е важен, а ние во секој момент очекуваме напад на главниот град, особено, како што реков, во наредните денови. Нивна цел е главниот град, рече Кличко.
14.33ч. Зеленски: Украина направи стратешки пресврт во војната со Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека Киев направил стратешки пресврт во војната со Русија, но оти не може да предвиди колку ќе траат борбите.
– Невозможно е да се каже уште колку денови ќе треба за да ја ослободиме украинската земја. Но, можеме да кажеме дека тоа ќе го направиме бидејќи дојдовме до стратешка пресвртница, посочи Зеленски.
Тој апелираше до меѓународната заедница да ги зголеми санкциите кон Русија.
14.15ч. Русија го забранува Инстаграм, а Мета сака да ја прогласи за екстремистичка организација
Руското државно обвинителство побара од рускиот суд матичната компанијата на Фејсбук, Мета да биде прогласена за екстремистичка организација.
Обвинителството побара од руските служби за надзор на комуникациите да го ограничи пристапот до Инстаграм.
13:33 Киев демантира дека дронот кој падна врз Загреб е украински
Советник на украинскиот министер за одбрана негира дека паднатиот дрон е на украинската армија
„Овој воздухоплов не е наш и ги отфрлам изнесените наводи изјави Маркијан Либкијвски советник на украинскиот министер за одбрана за хрватски Јутарњи лист.
12:46 Џонсон: Апсолутно сум згрозен, руското бомбардирање на Харков е како српското врз Сараево
Бомбардирањето на украинскиот град Харков од руските сили е злосторство слично на нападите врз Сараево од страна на Србите во 1990 години, изјави британскиот премиер Борис Џонсон на прес-конференција во Естонија, додавајќи дека таквите напади го обединуваат светот против Русија.
Коментирајќи го руското бомбардирање на цивилни објекти во Харков, во кое загинаа најмалку 10 луѓе, Џонсон рече дека е „апсолутно згрозен“.
„Тоа ме потсетува, доколку се сеќавате, на гранатирањето на пазарот во Сараево од страна на Србите, на бомбардирањето на недолжни луѓе во Босна. За мене тоа е намерно сторено злосторство против цивилни објекти. Мислам дека на луѓето им се превртуваат стомаците поради ова што се случува и гледаат дека е неопходно да се спротивстават на руската агресија и да ги поддржат Украинците“, рече Џонсон на прес-конференција во Естонија.
11:22 Шојгу: Околу 16.000 доброволци се подготвени да се борат во Донбас од страна на Русија
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на состанокот на Советот за безбедност на Русија изјави дека 16.000 доброволци од Блискиот Исток се подготвени да се борат во Донбас.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин поддржа доброволци да се борат, во како што ја нарекува, „специјална воена операција” во Украина.
– Ако видите дека има луѓе кои сакаат на доброволна основа (да им помогнат на сепаратистите во Источна Украина), тогаш треба да се сретнете со нив на половина пат и да им помогнете да се префрлат во борбени зони, му рече Путин на министерот за одбрана Сергеј Шојгу за време на состанокот на Советот за безбедност, што беше пренесуван во живо на руските државни телевизиски медиуми.
10:34 Путин одобри руските доброволци да се борат во Украина
Рускиот претседател Владимир Путин поддржува доброволци да се борат, во како што ја нарекува, „специјална воена операција” во Украина.
– Ако видите дека има луѓе кои сакаат на доброволна основа (да им помогнат на сепаратистите во Источна Украина), тогаш треба да се сретнете со нив на половина пат и да им помогнете да се префрлат во борбени зони, му рече Путин на министерот за одбрана Сергеј Шојгу за време на состанокот на Советот за безбедност.
Состанокот беше пренесуван во живо на руските државни телевизиски медиуми.
09:54 Навални повикува на антивоени протести в недела во Москва и други градови во Русија
Најостриот критичлар на Кремљ, Алексеј Навални повика на антивоени протести во Москва и другите градови в недела.
„Лудиот манијак Путин мора многу брзо да биде запрен од народот на Русија сега ако се спротивставиме на војната”, се вели во пораката на Инстаграм профилот на Навални.
„Треба да одите на антивоени собири секој викенд, дури и ако се чини дека сите или заминале или се исплашиле…Вие сте столбот на движењето против војната и смртта”.
08:53 Генерал Ивашов: Русија е на работ да ја заврши својата историја
Претседателот на Серуското офицерско собрание, генерал-полковник Леонид Григориевич Ивашов, напиша Апел до претседателот и граѓаните на Руската Федерација.
„Денес човештвото живее во исчекување на војна. А војната е неизбежна загуба на животи, уништување, страдање на големи маси луѓе, уништување на вообичаениот начин на живот, нарушување на виталните системи на државите и народите. Голема војна е огромна трагедија, нечие тешко злосторство. Така се случи Русија да биде во центарот на оваа претстојна катастрофа. И, можеби, ова е прв пат во нејзината историја.
Претходно, Русија (СССР) водеше присилни (праведни) војни и, по правило, кога немаше друг излез, кога беа загрозени виталните интереси на државата и општеството.
А што го загрозува постоењето на самата Русија денес и дали има такви закани? Може да се тврди дека навистина постои закана – земјата е на работ да ја заврши својата историја. Сите витални области, вклучително и демографијата, постојано се деградираат, а стапката на исчезнување на населението соборува светски рекорди. И деградацијата е системска по природа, и во секој сложен систем, уништувањето на еден од елементите може да доведе до колапс на целиот систем,пишува тој.
08:15 Зеленски е подготвен директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин
07:44 Самит на ЕУ во Версај: „Украина е дел од нашето европско семејство“
„Без одлагање, дополнително ќе ги зајакнеме нашите врски и ќе го продлабочиме нашето партнерство за поддршка на Украина на нејзиното европско патување. Украина е дел од нашето европско семејство”, објавија лидерите во писмената декларација на маргините на европскиот самит во Версај, без сепак да ја отворат вратата за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА.
Според нацрт-заклучоците, дваесет и седумте, кои ја потврдуваат клучната улога на НАТО, ќе ја истакнат нивната желба да инвестираат „повеќе и подобро во воените капацитети”, додека одбранбената стратегија мора да биде објавена пред крајот на месецот. Тие, исто така, ќе го испитаат планот на Комисијата за намалување на зависноста од рускиот гас за две третини оваа година, но и за намалување на увозот на јаглен и нафта од Русија, со диверзификација на добавувачите и развој на алтернативни енергии како што се обновливи извори или водород.
Додека Дваесет и седумте изјавија дека нема да може да и се дозволи на Украина забрзана процедура за пристапување во ЕУ, словенечкиот премиер Јанез Јанша не ги криеше, за време на самитот на Европската унија во Версај, поделбите меѓу „кои мислат дека (…) Украинците се борат за своите животи и заслужуваат силна политичка порака (…) и оние кои сè уште дебатираат за процедурите”. Централноевропските земји на чело со Полска сакаат да го забрзаат признавањето на кандидатурата на Украина.
07:15 Русите ги нападнаа Луцк и Днипро, ова се првите напади на тие градови
Во последните половина час се забележани експлозии во градовите на спротивните страни на земјата, јавува Би-Би-Си.
Украинските ТВ станици известуваат за експлозии во Луцк на северозапад, како и во Днипро, град во внатрешноста покрај реката Днепар и главно упориште во централниот дел на источна Украина.
Ниту еден од овие градови досега не бил директно гранатиран.
Би-би-си Украина јавува дека нападот во Луцк бил насочен кон аеродромот.
Имаше информации и дека рускиот воздушен удар ја погодил фабриката, единствената во која се поправаат одредени мотори на борбени авиони.
07:10 Градскиот совет Ексетер го суспендира збратимувањето руски градови
Градскиот совет на Ексетер гласаше за прекин на граѓанските односи со руски град.
Од 1990 година, главниот град на Девон е збратимен со Јарослав, но односот е под лупа по неодамнешната инвазија во Украина.
Повеќе од два милиони Украинци ја напуштија својата земја, според Агенцијата за бегалци на Обединетите нации.
Ексетер ја даде својата поддршка за Украина со отворено добредојде и нудење помош за украинските бегалци.
Јарослав, 160 милји (260 километри) североисточно од Москва, е дом на повеќе од 600.000 жители.
07:00 Бегалски живот: Пред осум месеци избегаа од Кабул, денес од Украина
Човек под псевдонимот Мухамед, живеел во источен Авганистан со сопругата и трите деца кога талибанците ја презедоа контролата врз неговата земја минатото лето. Решиле да побегнат.
Семејството успеало да стигне до авганистанската престолнина Кабул и таму поминало три дена чекајќи пред аеродромот пред да им биде дозволено да се качат на летот за евакуација. Летот ги однел во Украина, каде Мухамед претходно живеел и работел 30 години.
Осум месеци подоцна, мораа повторно да побегнат. Според Sky News, тие возеле повеќе од 30 часа по преполни патишта, чекале три дена на граница и спиеле во автомобил на температури под нулата за безбедно да стигнат до Романија.
14-годишниот син на Мохамед за Save the Children изјавил дека во Авганистан има војна во која загинале многу луѓе, па тие си заминале.
06:33 Украина: Русија го бомбардираше институтот во кој се наоѓа експериментален нуклеарен реактор
Украинскиот парламент соопшти дека руските сили нападнале институт во градот Харков во кој се наоѓа експериментален нуклеарен реактор, јави Скај њуз.
Се додава дека пожар избувнал во соседен хостел.
Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи, рече дека институтот содржи „извори на радијација кои се користат за научни цели”.
Подоцна, украинската новинска агенција Интерфакс објави дека пожарникарите го гаснат пожарот во хостелот, кој се простира на околу 100 квадратни метри, пренесува Хина.
06:15 Светскиот економски форум ги замрзна односите со Русија
Светскиот економски форум, кој организира бројни средби на кои учествуваат бизнисмени, амбасадори, претседатели и премиери на држави од целиот свет, одлучи да ги замрзне сите односи со Русија поради нападот на земјата врз Украина, јавува Анадолија.
Во соопштението на СЕФ со седиште во Швајцарија се вели дека е донесена одлука со која му се забранува на рускиот претседател Владимир Путин да учествува во сите активности на форумот.
„Нема да имаме односи со никого кој е санкциониран и ги замрзнавме односите со руските субјекти”, изјави портпаролката на СЕФ Аманда Русо за Политико.