Отказ за 27 вработени во Комунална хигиена/Фото: Фејсбук

Во трудовиот инспекторат пристигна претставката за отказите на вработените во „Комунална Хигиена“, инспекторите ќе постапуваат

Во Државниот инспекторат за труд денеска пристигна претставката испратена од репрезентативниот синдикат  СУТКОЗ која се однесува на повредата на правата на вработените во „Комунална хигиена“ кои добија откази.

Според директорката на ДИТ Весна Томовска претставката со назнака „итно“ ќе се распредели кај инспекторите и тие веќе од утре ќе постапат и ќе ги испитуваат наводите за кршењето на работничките права во „Комунална Хигиена“ наведени во претставката кој се однесува на 34 вработени во јавното комунално претпријатие.

Трудовите инспектори треба да утврдат дали е законски основот по кој потпишаните вработени добиле откази за што на 10 јули вечерта беа известени со список закачен на огласната табла на претпријатието пред почетокот на третата смена.

Директорката на ЈП КХС Косана Мазнева Николиќ заедно со градоначалничката Арсовска во понеделникот тврдеа дека откази добиле вработени кои воопшто не доаѓале на работа, а имало и вработени кои со години биле отсутни дури и од државава, а сепак земале плата.

Тие најавија и кривични пријави за ваквите злоупотреби кои биле воочени во јавното претпријатие кое поради првите неколку откази на 7 јули годинава излезе на протест и престана да го собира ѓубрето од скопските улици поради што Градот беше доведен на работ на еколошка катастрофа.

Во „чистката“ спроведена во јавното комунално претпријатие според Синдикатот „настрадаа“ и синдикалците кои го најавија и спроведоа протестот во кругот на претпријатието, па трудовиот инспекторат ќе ги проверува и нивните отказни решенија.

ССМ вчера постапувањето на менаџментот на ЈП КХС и на градоначалничката Арсовска го нарече срамно и застана во одбрана на правата на работниците.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот