Фото: Слободен печат

Во Тетово дивите ги избркаа питомите таксисти

Во Тетово ретко може да се забележи лиценцирано такси возило, градот е преплавен од диви таксисти во кои може да се забележи дека возат патници по рекламниот материјал кои по потреба го ставаат над покривите на возилата.

Речиси секое такси возило во Тетово работи без лиценца, а ваквата состојба ја потврдуваат и од неколкуте такси компании кои работаат законски и имаат извадено лиценци за своите такси возила. Зоран Томоски претседател на Здружение на такси превозот во Тетово, вели во градот има над 400 таксисти кои работаат незаконски, а едвај триесетина кои ги плаќаат сите давачки, а се на најголем удар на инспекторите.

Токму и тие како што вели Томоски се едни од најголемите виновници за сообраќајниот хаос и гужви низ градот. Се паркираат каде ќе стигнат, а неретко и на местата кои се обележани и платени од десетина лиценцирани таксисти.

„Има над 400 возила кои нелегално работат, не само поединечно, туку и фирми кои имаат 10-12 возила и функционираат без лиценца. Монемтално во Тетово има жолти таблици на околу 28 возила, а тоа се 3-4 компании кои регуларно работат. Одам на состаноци на ниво на цела Македонија, Тетово е најдрастично со сивата економија. Никако да најдеме сходно некој да ни помогне, да излезе во пресрет барем 50% да се намали“, вели Зоран Томовски, претседател на Здружение на такси превозот во Тетово.

И од Сообраќајната полицијата ја потврдуваат зголемената бројка на диви таксисти во Тетово, кои се и едни од најголемите виновници за сообраќајниот хаос во градот.

„Проблемите се повеќекратни. Од неправилно вршење дејствие, може слободно да забележите дека едни од најнепримерните возачи се токму тие. Запираат, паркираат на места каде што не е дозволено, запираат на сред улица, паркираат на крстосници, полукружно свртување каде што не е дозволено“,изјави Зоранчо Талев, командир на ПС БПС Тетово.

Надлежните не преземаат мерки да ја сузбијат нелегалната конкуренција, па така и ние лиценцираните таксисти полека се откажуваме од оваа работа, вели Зоран Томовски, претседател на Здружение на такси превозот во Тетово.

„Искрено да кажам чекам оваа најновата лиценца која што сум ја извадил да помине затоа што сум платил околу 8 000 евра за да ја добијам, мислам до 2026 година ми важи лиценцата, после тоа клучот, ќе ја затворам фирмата оти вака не може да се работи. Има премногу диви таксисти во Тетово кои работаат, а надлежните ништо не преземаат против нив. Граѓаните на Тетово сакаат да се возат со лиценцирани таксисти со нив се чуствуваат посигурно, но ние не можеме да го шириме бизнисот во услови на ваква нелелагна конкуренција и сива економија. Преку ден на диспечерката се јавуваат по стотина граѓани кои бараат такси возило, но не можеме да ја извршиме услугата оти немаме возила, па тие граѓани мора да се возат со дивите превозници“, вели Томоски.

Од Општина Тетово и покрај многите обиди не добивме одговор дали и што ќе преземат инспекцисктие служби за решевање на проблемот со дивите таксисти, кои ги узурпираат улиците создавајќи голем сообраќаен хаос во градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот