Олаф Шолц го признава поразот на изборите во Германија / Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Во својот последен говор како канцелар, Шолц повика на мирна и обединета Европа

Германскиот канцелар во заминување, Олаф Шолц, повика на зачувување на мирна и обединета Европа и истакна дека Германија има посебна одговорност за зачувување на мирот во Европа поради нејзината историја, односно поради нацистичкиот режим за време на кој беа убиени милиони невини деца, жени и мажи.

Во својот последен говор како канцелар, на комеморативната церемонија по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Европа и ослободувањето на концентрационите логори во Меморијалниот центар Нојенгама во Хамбург, тој рече дека е трагично „што рускиот претседател Владимир Путин повторно донесе војна во Европа“, наведувајќи дека тоа не смее да се толерира, пренесува „Дојче веле“.

Олаф Шолц оцени дека Европа е олицетворение на слободата, демократијата и владеењето на правото, како и дека е „противтежа на крвавите ужаси на војната“ и затоа е некомпатибилна со воениот империјализам и непочитувањето на меѓународното право.

Тој ги обвини „автократите, екстремистите и популистите ширум светот, вклучително и во европските земји, за напади насочени кон уништување на „мирна и обединета Европа“.

Се очекува коалицискиот договор меѓу Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и конзервативниот блок на Христијанско-демократската и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ) официјално да биде потпишан во понеделник, на 5 мај, а Бундестагот да го избере лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, за нов канцелар на Германија на 6 мај , а членовите на неговата влада да положат заклетва истиот ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот