Градежници работници/ Слободен Печат/фото: Слободан Ѓуриќ

Во Србија има работа, нема мајстори

Долго се чека на мајстори, а најдобрите веќе заминаа во странство. На Србија ѝ недостасуваат десетици илјади мајстори. Зошто е тоа така и дали може да се промени?

Кога на Вања (27) првпат ѝ се расипал бојлерот, мајсторот дошол веќе наредниот ден, иако било викенд. Се покажало дека направил повеќе штета отколку корист. Лошо поврзаните жици на новиот бојлер предизвикале два кратки споја, па бојлерот на крај се запалил. Биле потребни уште неколку интервенции и неколку недели без топла вода.

„Добар мајстор – злато вреди“

Случајот на Вања не е реткост. Искуството на голем број луѓе сведочи дека вистински мајстори сѐ потешко се наоѓаат. Вообичаено е да се чека барем еден месец за молерисување или замена на плочки во бањата.

Националната служба за вработување и Стопанската комора на Србија не одговорија на прашањето на ДВ колку занаетчии недостасуваат во земјата. Некои нивни постари податоци покажуваат дека недостигаат најмалку 30.000 мајстори од сите профили.

Тоа го потврдуваат и податоците од сајтот „Работа Инфостуд“ (Послови Инфостуд), кои покажуваат дека занаетчиските работи биле меѓу најбараните во првата половина од годинава.

Во обид да обезбедат работници, работодавците често нуделе натпросечни плати, па така ѕидарите во просек можеле да заработат 185.000 динари, автолимарите 162.000, а механичарите околу 135.000 динари.

Зошто луѓето бегаат од занаетите?

Иако платите се натпросечни, а побарувачката голема – работници нема доволно.

„Со години наназад сме сведоци на намален интерес кај младите за упис во технички и занаетчиски занимања, што делумно произлегува од верувањето дека тие занимања се помалку посакувани, како во поглед на статусот, така и во поглед на условите за работа“, вели Милош Турински од Инфостуд.

„Родителите често имаат пресудна улога во професионалната насоченост на своите деца, а нивните очекувања често не се усогласени со реалните потреби на пазарот“, објаснува тој.

Дополнително, вели тој, придонесува и променетата демографска слика, бидејќи бројот на ученици во средните училишта се намалува, додека оние кои веќе се квалификувани, често одлучуваат да ги наплатат своите знаења и вештини во странство.

„На сето тоа се надоврзува и промената на животните амбиции – младите тежнеат кон работи кои нудат флексибилност, работа на далечина и рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот, што се барања кои традиционалните занаетчиски занимања тешко можат да ги исполнат“, вели Турински за ДВ и додава: „Сето тоа заедно доведува до тоа бројот на расположливи занаетчии да се намалува, и тој јаз секоја година сѐ повеќе се продлабочува“.

Зрак надеж

Од Форумот на средни стручни училишта велат дека од минатата година е забележан пораст на интересот за овие училишта, особено во помалите градови, но дека тоа сѐ уште не е доволно за потребите на пазарот.

Образованието за занимања во автомобилската индустрија, угостителството, туризмот и здравствените услуги станува сѐ попопуларно, но недостиг и понатаму има во насоките за земјоделство, кожарство и градежништво, вели Милорад Антиќ, претседател на Форумот.

„Дуалното образование не е доволно развиено. Центрите за обука на практична настава сѐ уште не се отворени, а нема ниту доволно работодавци за обуката да биде квалитетна. Исто така, недостасува и промоција на занаетчиството како струка во која си ценет и образован работник, а не некој кој е постојано извалкан и во работна облека, што е вообичаен стереотип“, истакнува Антиќ.

Која е улогата на државата?

Сепак, не е виновен само образовниот систем, смета Драган Тодоровиќ, претседател на Сојузот на самостојни синдикати на Белград. Дел од вината е во недостатокот на контролни механизми кои државата ги има при контрола на условите за работа.

„Пред неколку години ни се случуваше некои компании да ги отпуштаат нашите работници за да вработат странски. Кога испраќате таква порака до домашното население, секој гледа каде може да си замине – и тоа најчесто во странство. Државата сѐ уште нема контролни механизми за да го следи тоа, и тогаш сме во маѓепсан круг“, оценува тој.

„Секогаш ќе можеме да најдеме евтина работна сила и да ја донесеме од Азија, Африка. Но, градењето општество на такви темели дефинитивно не е добро. Што имаме од тоа што отвораме работни места, ако ни заминуваат работниците од државата?“, истакнува Тодоровиќ за ДВ.

Симбиоза на државата, работниците и работодавачите

Соговорниците на ДВ се согласни дека првиот чекор е враќање на угледот на занаетчиите.

„Тоа не подразбира само подобра промоција, туку и конкретни чекори кон подобрување на условите за работа, воведување на посовремени технологии во секојдневната работа и поголема сигурност при вработување. Ако им покажеме на младите дека занаетчиските занимања не се последна опција, туку кариери кои нудат стабилност и добра заработка, можеби и сликата за нив ќе почне да се менува“, смета Милош Турински од Инфостуд.

Тој истакнува дека во наоѓањето на решението важна улога има државата, и тоа преку „создавање стимулативна средина преку субвенции, програми за самовработување и јакнење на инфраструктурата на стручното образование“.

„А, тоа е процес кој бара време, системски промени и заеднички напор од сите“, заклучува Турински за ДВ.

Извор: Дојче веле/ Автор: Ива Манојловиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот