Проект „Македонски визуелни уметници“ на КСП „Центар-Јадро“

Во рамките на проектот „Македонски визуелни уметници“ ќе се одржи разговор со Кристина Пулејкова

Со цел да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена, КСП „Центар-Јадро“ продолжува со нова серија разговори во живо, со македонски визуелни уметници и нивните дела изложувани на значајни изложби. Намерата е да се постигне поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.

Во рамките на проектот „Македонски визуелни уметници“ на 6 декември, со почеток во 20 часот, ќе се одржи онлајн-разговор со Кристина Пулејкова. Разговорот ќе го води Ана Франговска, кураторка и историчарка на уметност.

Кристина Пулејкова (р. 1988) е македонска уметница која живее и работи во Скопје и во Лондон. Нејзиното интердисциплинарно творештво се заснова врз науката и технологијата. Делото на Кристина го истражува начинот на кој употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек – природа.

Работејќи низ подвижни слики, звук и инсталација, таа има за цел да изгради субјективни наративи, засновани врз научни податоци и начела. Во своите дела има тенденција да претставува гласови – гласови од суштества, предмети, па дури и атоми, со цел да се обиде да ги воведе нечовечките перспективи.

Преку употребата на напредната технологија, делата на Кристина честопати се занимаваат со прашања од животната средина, притоа раскажувајќи лични приказни, кои ја ставаат публиката во центарот на сцената, овозможувајќи протагонистички пристап и поинаков начин на гледање на нештата.

Пулејкова има диплома за магистериум (БА + м-р) по сликарство и анимација од Универзитетот за применети уметности, Виена, Австрија (2012) и магистер по уметност и наука од Централ Сент Мартинс, Лондон, Велика Британија (2014). Таа е добитник на инаугуративната стипендија FLAMIN од „Филм Лондон“ (2017).

Делата на Кристина се изложени/прикажани во Националната галерија, Скопје; МСУ, Скопје; Научниот музеј, Лондон, Велика Британија; Музеј MAN, Сардинија, Италија; V&A, Лондон, Велика Британија; МАК, Виена, Австрија; „Project Space Kunsthalle“, Виена, Австрија; „Хет Гласпавиљон“, Ајндховен, Холандија; Горна галерија, Амстердам, Холандија; „Арт COP21“, Париз, Франција; Галерија „Вајтчепел“, Лондон, Велика Британија; „Art Licks Festival“, Лондон, Велика Британија; „Lewisham Art House“, Лондон, Велика Британија; Кралскиот колеџ за уметности, Лондон, Велика Британија и многу други.

Проектот „Македонски визуелни уметници“ на КСП „Центар-Јадро“ е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот