Изложба на Магда Шаламон во Музејот на град Скопје

Во рамки на шестото издание на Скопскиот градски фестивал во Скопје беа одржани Денови на словенечката култура

Во рамки на шестото издание на Скопскиот градски фестивал на агенцијата „Баги комуникации“ од 13 до 17 овој месец во Скопје беа одржани Денови на словенечката култура.

Деновите на словенечката култура беа отворени на 13 мај во Музејот на град Скопје со промоција на македонското издание на стихозбирката „Се отвори небото: Песни за Магда“ од проф. д-р Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Македонија од 2016 до 2020 година, универзитетски професор, писател и поет, кој на македонски јазик досега има објавено десетина книжевни дела (романи и збирки поезија), како и на јазиците кои се запишани во македонскиот устав (албански, турски, српски, ромски, влашки и босански). Книгата ја претстави проф. д-р Лидија Аризановска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, која се осврна и на целокупното книжевно творештво на проф. д-р Милан Јазбец, кое веќе ја достигна бројката од 91 објавена книга.

За амбасадорските години во Скопје и за публицистичката дејност на амбасадорот Милан Јазбец, пак, говореше Свето Стаменов, политиколог, новинар и истакнат македонски публицист, кој посебно се осврна на шесте публицистички дела на проф. д-р Јазбец објавени на македонски јазик во последните неколку години.

На промоцијата проф. д-р Јазбец ги најави своите наредни изданија, меѓу кои и македонските изданија – двотомната „Искра Чоловиќ во книжевната критика и во медиумите“ и „Македонски писанија“, кои треба да бидат објавени до крајот на годината.

По промоцијата на „Се отвори небото: Песни за Магда“ следеше свеченото отворање на изложбата на слики „Хималаи и словенечките планини во слика и збор“ на познатата словенечка сликарка Магда Шаламон, членка на ликовната секција на Културно-уметничкото друштво од Жалец, која накусо го претстави својот сликарски опус, кој се темели на нејзините 16 планинарски искачувања на Хималаите, како и на многубројните искачувања на словенечките планини.

Изложбата во Музејот на град Скопје беше отворена до 18 мај. Инаку, Магда Шаламон е сестрана словенечка уметничка, хуманистка и космополитка, која на ТВ Велење досега има реализирано 233 авторски емисии под наслов „Допирите на планините“.

Свеченото отворање на Деновите на словенечката култура во Скопје беше крунисано со концерт на словенечката етно рок-група „Дупљак вилиџ оркестра“ од Радече под раководство на Алеш Брезникар, кој на македонската јавност е познат и по организацијата на традиционалната туристичко-културна манифестација „Словенија на Охрид“.

Деновите на словенечката култура во Скопје беа окончани на 17 мај со концерт во Културно-информативниот центар на светски познатата словенечка виртуоска Тања Сонц, постојана членка на оркестарот на филхармонијата од Цирих, која настапи со нејзиниот квартет.

Коорганизатори на манифестацијата, на чие свечено отворање поздравно обраќање имаше амбасадорот на Република Словенија Н.Е. Грегор Пескар, беа словенечката амбасада во Скопје и словенечкото културно друштво „Франце Прешерн“, со поддршка на Град Скопје, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и министерствата за надворешни и европски работи и за Словениците низ светот на Република Словенија, како и повеќе претпријатија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 282, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-25.5.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот