
Во првите два дена 1.400 пријави преку мерката за самовработување
Интересот за мерката самовработување е голем и во првите два дена од објавата на огласите досега се доставени околу 1.400 пријави, соопшти Весна Пешова, заменик-директор на Агенцијата за вработување, преку Оперативниот план за вработување, што го организира Министерството за економија.
Препорачано
На информативниот ден што се одржа во Струмица, заменик-министерот за економија Марјан Ристески ги повика сите заинтересирани да аплицираат на некој од трите објавени јавни повици од мерката
– Со историски висок буџет за Оперативниот план, кој е зголемен за 7,5 милиони евра и годинава е во вредност од преку 40 милиони евра, како никогаш досега Владата дава поддршка за младите да започнат бизнис или преку практикантство и обуки да се стекнат со разни вештини со што би се зголемила нивната вработливост и тие би биле поконкурентни на пазарот на труд. Наша цел е да ги задржиме младите во Македонија, имаат пријател и партнер во Владата која ги поддржува, а најдобар доказ за тоа е овој Оперативен план, каде покрај бројните нови мерки наменети само за нив, во сите останати мерки е предвидено најмалку 40 отсто од средствата да бидат наменети за младите лица – истакна Ристески.
Директорката за поддршка на претприемаштвото, Даниела Димовска, говореше за поддршката која ќе им биде дадена на сите лица кои ќе добијат средства од мерките, како што се стручното советување во креирањето на бизнис-план, како и обуките за претприемништво и менторството.
Министерството за економија информираше дека јавните повици траат до 20 јуни, а во наредниот период ќе се објават јавни повици и за другите мерки од Оперативниот план.
Министерството за економија организира информативни денови за Оперативниот план за вработување