Марко Ѓоковиќ, Тамара Котевска, Сенад Абдули / Фотографија: Агенција за филм

Во овој период се снимаат три долгометражни филмови поддржани од Агенцијата за филм

Агенцијата за филм информира дека во овој период се снимаат три долгометражни играни филмови, сите финансиски поддржани од државата, кои ветуваат нови квалитетни и возбудливи приказни на големото платно.

Во тек е снимањето на првиот долгометражен игран филм „Човек против јато“ на Тамара Котевска, реномирана македонска режисерка со две номинации за Оскар и добитничка на награди од фестивалот „Санденс“. Приказната на филмот се одвива во рурална Македонија, каде изградбата на нов автопат го разурнува мирот на едно мало село и ја соочува традицијата со модернизацијата.

Во главните улоги настапуваат Кирил Андоновски, Верица Недеска, Лола Трендафиловиќ, Горан Богдан, како и актери од Македонија, Хрватска, Германија, Холандија и Бугарија.

Филмот се реализира во продукција на „Видео Студио Петковски“, во соработка со партнери од Хрватска, Грција, Турција, Србија и Црна Гора, и е финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ, „Еуримаж“ и филмските центри на соработничките земји.

Се снима и дебитантскиот долгометражен филм со работен наслов „Потстанар“ во режија на Марко Ѓоковиќ и во продукција на „Сектор Филм“. Сценариото е дело на Ѓоковиќ и Симеон Венциславов, а инспирација за филмот е црпена од драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ. Филмот ја истражува тенката линија меѓу личната слобода и манипулацијата, прикажувајќи ја интеракцијата меѓу тројца цимери и еден мистериозен новодојденец, чија вистинска природа полека се разоткрива.

Главните улоги ги играат младите македонски актери Ана Јовановска, Илија Волчевски, Хакан Даци и актерот од БиХ, Албан Укај. Филмот се реализира во копродукциска соработка со партнери од Србија и Црна Гора, со поддршка од филмските центри на Македонија, Србија и Црна Гора.

Започна снимањето и на долгометражниот играниот филм „Договор“, во продукција на „Арнел Продукција“ и во режија на Сенад Абдули. Фотографијата ја потпишува Филип Јорданов, а во главните улоги се појавуваат Шеќерије Илази, Елмир Сејфулаи и Лек Фазлија. Филмот претставува современа драма што го истражува човечкото достоинство и комплексноста на донесување одлуки во социјално предизвикувачки услови.

– Овие три нови филмски проекти се потврда за постојаниот развој на македонската кинематографија, како и за разновидноста на креативниот пристап што се појавува на нашата филмска сцена. Агенцијата за филм останува посветена на поддршка на филмските автори и продуценти, преку унапредување на условите за креативна работа и соработка, како и преку промоција на македонскиот филм во меѓународен контекст – истакнуваат од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот