Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Во клиниките нема толкувачи на знаковен јазик, глувовнемите не можат ни вода да побараат

Од март годинава, поточно откако беше прогласена пандемијата, забранети се сите посети на пациентите кои се лекуваат во болнички услови. Не само на болните од Ковид-19, посети се забранети и за сите останати пациенти во сите клиники, со цел да се спречи ширење на вирусот.

На пациентите тоа понекогаш им паѓа тешко, но комуникацијата со останатите „цимери“ во болничката соба барем малку им го олеснува престојот кој понекогаш трае и со недели.

Но, глувите и наглуви луѓе покрај тоа што се плашат од неизвесноста и стравуваат за својот живот, немаат овозможена комуникација со ниту еден член на медицинскиот персонал, ниту пак имаат можност да повикаат помош, да се јават на телефон, или да се информираат за своето здравје.

Во ниту една медицинска установа и болница, нема ангажирано дефектолог ниту пак има толкувач на знаковен јазик. Ова до сега не било алармантно бидејќи во нормални услови болните редовно ги посетувале членови од семејството кои им преведувале или пак поставувале прашања во нивно име. Но сега приказната е потрагична.

29 годишниот Дејан од Скопје за Слободен печат вели дека е многу вознемирен што неговата мајка е подолго време е на скопските клиники и со неа не можат да воспостават контакт.

-Таа поради нејзиниот хендикеп не може да зборува на телефон, од друга страна не може ниту да побара помош. Знам дека ситуацијата е таква, разбирам дека посетите не треба да бидат дозволени поради пандемијата, но мора министерот за здравство Венко Филипче и менаџментот на клиниките да размислат за ангажирање на лица кои ќе ја помогнат комуникацијата со глувонемите лица кои се пациенти во болниците, вели Дејан.

Тој вели дека успел на кратко да ја види, кога од клиниката каде што се лечи ја носеле на дијализа на клиниката за Нефрологија.

-За целиот престој успеав да ја видам само кога ја однесоа на дијализа. Беше преплашена, емотивно скршена, не можев да останам долго за да дознаам што се има да ми каже. Неколку пати повторуваше дека и е многу тешко што не може да ја разбере ниту еден доктор ниту медицинска сестра кога се обидува да побара нешто од нив или да постави прашање. Само ми рече жедна сум, тешко ми е кога ќе помислам дека не можат да ја разберат дури и кога и се пие вода, раскажува Дејан.

За да дознаеме како комуницираат докторите и медицинските сестри со глувонемите лица, се обративме до Министерството за здравство.

-Доколку на клиниките во кои има ковид центри има хоспитализирано лице кое има проблеми со слух и говор, лекарите првичните податоци за моменталната состојба и претходни болести ги добиваат од семејството, матичниот лекар и од податоците кои ги има во системот за тој пациент. Доколку има потреба се повикува со конзилијарен упат стручно лице од Заводот за слух и говор, кратко одговорија од Министерството без да прецизираат како тече комуникацијата со глувонемите за време на престојот во болницата.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот