
Во изборната кампања без одговор останаа прашањата за загадувањето, реагира невладиниот сектор
Неколку невладини организации во чиј фокус се проблемите со загадувањето со внимание ја следат кампањата на партиите за парламентарните избори и поставија неколку прашања до големите партии за нивните ставови за прашањата кои ги засегаат граѓаните и квалитетот во секојдневниот живот.
Препорачано
-Не им се зборува многу за загадениот воздух, ниту за дивјачката и често криминална урбанизација по градовите, ниту за жртвите во сообраќајните незгоди, ниту за рудниците во земјоделските подрачја, ниту за малите хидроцентрали со кои на некои им се полнат џебовите додека на други им се празнат изворите за вода, ниту за распродажбата на државно градежно земјиште по багателни цени, ниту за прочистувањето на реките, ниту за проблемот со кучињата скитници, ниту за отпадот кој ги преплавува реките и улиците, ниту за бучавата, реагира невладиниот сектор.
Од таму додаваат дека само партиите ТВОЈА и ЛЕВИЦА испратиле одговори на 18-те прашања кои обединетите граѓански здруженија ги испратиле до политичките партии и коалиции кои претендираат да ја создадат новата владина коалиција.
-Со тоа означија уште еден избирачки циклус во кој покрај веќе познатите флоскули, паушални ветувања за нешто подобро, лоши видеа и ChatGPT разубавени говори за како од сега ќе биде подобро, не слушнавме конкретно решавање на прашањата кои нас, граѓаните на оваа држава, нашите семејства, нашите најблиски, нѐ чинат здравје, живот или во најблага варијанта заминување од државата, реагираат здруженијата.
Од таму додаваат дека според официјалните статистики детектирани се 5600 смртни случаи како последица на загадувањето, од кои 5000 директно на опасните ПМ 2,5 честички.
-Дополнително застрашувачки бројки се оние кои се однесуваат на загрозеното здравје на жителите на Македонија, последиците кај новороденчињата и децата, цели генерации кои изминативе десетина години, со својата незаинтересираност ги доведовте во опасност. Финансиските реперкусии за нашата држава од загадувањето, светските агенции ги позиционираат на повеќе од половина милијарда евра годишно. И сепак, претедентите за нова власта и оние кои се обидуваат да ја задржат старата, не се одважуваат јавно да одговорат на 18 прашања кои се навидум едноставни, а особено важни за нашето квалитетно секојдневие во Македонија, нагласуваат невладините еко здруженија.
Според нив најголемите партии или немаат потенцијал, знаење или не нашле за потребно да одговорат на конкретни прашања кои доаѓаат од нивните избирачи, од граѓаните кои треба да ги гласаат, да им веруваат и да го градат својот живот во држава во која, велат „се распослани партиски интереси и пресметки“.
-Не постои тема поважна од човековиот живот. Ниту ЕУ, ниту менување на устав, ниту повеќе права за едни, помалку за други може да се мери со илјадници изгубени човечки животи, со упропастени идни генерации и девалвирана територија со загаден воздух, почва, вода. И бидејќи здравиот разум вели дека не е срамота нешто да не се знае, туку срамота е да не знаете кого да прашате, НИЕ ви подготвивме одговори и решенија за најгорливите проблеми со кои многу брзо ќе се соочите, стои во реакцијата објавена на Фејсбук.
Обединетите независни здруженија со еко агенда ги набројуваат и неколкуте прашања за кои досега не добиле одговор од политичките партии и кандидатите од областа на загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото, сообраќајот, комуналниот ред и за проблемот со кучињата скитници.
Инцијативата ја покренаа: Граѓанската иницијатива Шанса за Центар – Скопје, O2 Иницијатива, Зелен хуман град – Скопје, Зелените од Гази Баба, Независни за Карпош, Заедно за промена, Стига е – Струмица, Босилово, Ново Село, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, како и Грин.Орг – Кочани и Охрид СОС.