
Во Грција започна истрага за следење на Ватсап – шпионирани активисти и новинари
Грчката Управа за заштита на личните податоци започна истрага за прекршување на личните податоци на грчките корисници на Ватсап од страна на малициозен софтвер, развиен и дистрибуиран од израелската компанија Paragon Solutions.
Препорачано
Откритието го соопшти завчера италијанската влада, додека грчката управа за заштита на податоци вчера најави покренување на соодветна истрага.
Имено, Ватсап откри обиди за хакирање на телефоните на околу 90 луѓе, вклучително и новинари и членови на граѓанското општество, во бранот напади што се случија кон крајот на минатата година.
Потврдените цели на софтверот „Графит“ се лоцирани во Грција, Кипар, Белгија, Латвија, Литванија, Австрија, Чешка, Данска, Германија, Холандија, Португалија, Шпанија и Шведска.
Сепак, случајот избувна по жалбите на директорот на Фанпејџ, Франческо Канчелато и Лука Касарини, шеф на невладината организација „Mediterranea Saving Humans“.
И двајцата открија дека добиле порака од Мета во која ги предупредува дека во нивните електронски уреди бил инфилтриран софтвер од израелско производство.
Ватсап, подружница на Мета, испрати известувања до корисниците чии уреди биле мета без да ги открие нивните имиња. Управата за заштита на личните податоци, под претседавање на поранешниот претседател на Државниот совет, Константинос Менудукос, објави дека продолжува со истрагата „по соодветно известување доставено од компанијата, имајќи предвид дека меѓу засегнатите лица има и претплатници во Грција“.
Според информациите на весникот „Та неа“, Управата добила релевантни информации пред околу две недели и веќе е во контакт со европската филијала на Ватсап, која е со седиште во Ирска.
Во исто време, Ситизен лаб се очекува да објави извештај со своите наоди во наредните денови, кој ќе вклучува првична анализа на профилите на таргетираните и потенцијалните корисници на Графит.